Премиерот вели дека од самитот во Црна Гора се испратени силни пораки за европската перспектива на Западен Балкан и изрази очекување напредокот на Македонија во спроведувањето на реформите да биде валоризиран со можност за почеток на преговорите со ЕУ
Одговарајќи на новинарско прашање за уставните измени и можноста за дијалог со Бугарија, премиерот повтори дека Владата нема да отстапи ниту од заштитата на македонските национални интереси ниту од стратегиската цел за членство во Европската Унија
Пред да се разговара за следните чекори во евроинтегративниот процес на земјата, прво во Бугарија треба да се договори акцискиот план за малцинства. Ова од Самитот на Берлинскиот процес што се одржа во Свети Стефан, Црна Гора, денеска го порача премиерот Христијан Мицкоски во изјава за МРТ 1, при што посочи дека акцискиот план е предуслов за продолжување на преговорите за Европската Унија.

„Ајде, најпрвин да го договориме акцискиот план за малцинствата, во кој 26 земји членки јасно велат дека немаат проблем, а една земја членка вели дека има проблем. Ајде, ние со таа земја членка да седнеме и да договориме, да го направиме тој документ да биде прифатлив за сите 27 земји членки, па потоа во втора фаза да зборуваме што е тоа што ние како влада го очекуваме, а што е тоа што треба ние како влада да го испорачаме. Бидејќи овој документ, акцискиот план за малцинства, е документ што е предуслов за да продолжиме во процесот на преговори“,
рече тој.
Одговарајќи на новинарско прашање за уставните измени и можноста за дијалог со Бугарија, премиерот повтори дека Владата нема да отстапи ниту од заштитата на македонските национални интереси ниту од стратегиската цел за членство во Европската Унија.
„Ние се бориме, нема да отстапиме од борбата за македонските национални интереси, но исто така нема да отстапиме и од нашата стратешка цел да бидеме дел од европското семејство, онаму каде што припаѓаме“,
вели премиерот.
Тој повтори дека Владата наследила тежок товар од претходната власт во однос на евроинтеграциите и дека е потребно време за надминување на проблемите.
„Уставните измени нас секогаш ќе нѐ потсетуваат на капитулантската политика на претходната влада на СДСМ и ДУИ, односно на тоа што тие го прифатија. И понекогаш се чудам кога ќе слушнам високи функционери од поранешната влада, посебно од СДСМ, коишто велат: ‘Добро, ние бевме влада, сега вие сте влада, до каде сте со европската интеграција и европскиот процес?‘. Вие бевте влада, ни оставивте товар тежок еден тон на грбот којшто ние треба сега да го носиме и да го исправаме, и тие очекуваат дека ние преку ноќ тоа што со децении било создавано, а тие го распродадоа, преку ноќ ќе го исправиме и ќе го вратиме во некој нормален тек. Тоа така не оди, треба време“,
кажа Мицкоски.
Сепак, премиерот оцени дека Македонија денес е подобро место за живеење отколку пред три години, и покрај глобалната криза.
„Се бориме, жилави сме, упорни сме и ќе продолжиме да се бориме. Но сѐ тоа што тие го распродадоа, испокрадоа и уништија, ние за жал во овие два-три-четири месеци не можеме да го надоместиме. Но, она коешто за нас е цел, а тоа е она коешто го повторувам многупати во моите изјави досега е дека денеска Македонија е многу подобро место за живеење од тоа што беше пред три години, и тоа во услови на епска светска криза кога голем дел од државите во светот се борат за да преживеат“,
додаде тој.
Претходно, говорејќи за самитот, Мицкоски рече дека се испратени силни пораки за европската перспектива на Западен Балкан и изрази очекување напредокот на Македонија во спроведувањето на реформите да биде валоризиран со можност за почеток на преговорите со ЕУ.
„Се испратија силни пораки и од канцеларот Мерц и од канцеларот Штокер, којшто ќе биде копретседавач на следниот самит којшто ќе се случи во делот на Берлинскиот процес. Исто така, можам да кажам дека и од останатите присутни на самиот работен дел од состанокот беше потврдена желбата, иницијативата, но и приоритетите дека Западен Балкан треба да биде дел од Европа и треба тоа да се случи многу бргу“,
вели премиерот.
Според него, постепената интеграција може да биде можност за земјите од регионот, но не смее да биде замена за полноправното членство.
„Она коешто за нас како држава претставува важност е фактот дека ние веќе имаме усогласена надворешна и одбранбена политика со Европската Унија, дека сме многу напред во испорака кога станува збор за реформската агенда, дека буквално сѐ што се бара од нас, а е поврзано со принципот по испорака да се оценува напредокот, ние тоа го правиме и го испорачуваме. Очекувам, тоа и го кажав во работниот дел, сето ова за кое зборувам да биде во многу скоро време валоризирано и да се даде шанса конечно да можеме да отпочнеме со процесот на преговори. Исто така, истакнав дека постепеното или градуално интегрирање претставува шанса и можност за сите нас, но тоа никако не смее да биде замена за полноправното членство во рамките на Европската Унија“,
кажа Мицкоски.
На билатералните средби на самитот, како што посочи, разговарал за состојбите во Македонија, но и за глобалните предизвици, особено енергетската криза и војната во Украина.
Оцени дека светот се соочува со сериозни турбуленции, опишувајќи ја актуелната состојба како атмосфера на „тивка трета светска војна“.
Според него, следните две години ќе бидат исклучително тешки и неизвесни поради што е неопходна внимателност во трошењето и одговорно управување со државата.
Со денешниот самит Црна Гора го заокружува едногодишното претседавање со Берлинскиот процес, кој следната година ќе го води Австрија.
