Според извештајот од МВР, во периодот од јануари до јули 2026 година, 23-годишната првопријавена во 18 наврати искористила лични податоци на повеќе граѓани. Без нивна согласност и знаење, таа аплицирала за брзи потрошувачки кредити

СВР Куманово поднесе кривична пријава против седум лица, меѓу кои две жителки на Куманово и петмина банкарски службеници, за измама, злоупотреба на лични податоци и злоупотреба на службената положба. Со измамата, со која се подигале брзи кредити во име на други граѓани, била причинета материјална штета од над 12,2 милиони денари.
Кривичната пријава е поднесена против А. С. Д. (23) и М. В. (35) од Куманово за кривичните дела измама и злоупотреба на лични податоци, како и против банкарските службеници М. П. (34), С. М. (27), Н. Н. (34), Д. М. (48) и С. О. (36) за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според извештајот од МВР, во периодот од јануари до јули 2026 година, 23-годишната првопријавена во 18 наврати искористила лични податоци на повеќе граѓани. Без нивна согласност и знаење, таа аплицирала за брзи потрошувачки кредити.
По одобрувањето на кредитите и исплата на средствата, парите неовластено ги присвојувале првопријавената и втората пријавена.
Петтемина вработени како банкарски службеници во филијала на една банка директно овозможиле реализација на измамата и располагање со паричните средства, со што на двете кумановки им овозможиле да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 12 221 500 денари.
