Колективната тужба е поднесена во име на осум тужители, кои тврдат дека претрпеле штета од „Мета“ додека биле помлади од 18 години и сега бараат отштета

Пред австралиски суд е поднесена колективна тужба против Фејсбук и Инстаграм, во сопственост на „Мета платформс“, во која се тврди дека овие платформи на социјални мрежи ги изложиле децата на штетна содржина и, преку употреба на алгоритми, ги направиле зависни, пишува Ројтерс.
Тужбата, која овој месец пред Федералниот суд, втор по важност суд во Австралија, ја поднела адвокатската канцеларија „МинтерЕлисон“, би можела да биде првиот случај во Австралија во кој социјалните медиуми се обвинуваат за нанесување штета на корисниците, особено на децата и тинејџерите.
Колективната тужба е поднесена во име на осум тужители, кои тврдат дека претрпеле штета од „Мета“ додека биле помлади од 18 години и сега бараат отштета.
„Запознаени сме со оваа тужба и енергично ќе се браниме“,
изјавил претставник на „Мета“ преку електронска пошта.
Во понеделникот, судот издал налог за забрана на јавно објавување информации, со што се оневозможува откривање на идентитетот на тужителите, како и на содржината на самата тужба.
Оваа тужба доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Австралија и големите технолошки компании, по воведувањето на првата забрана во светот за користење социјални медиуми за деца под 16-годишна возраст, како и по предложувањето нови правила кои би им овозможиле на корисниците да ја исклучат содржината што ја генерираат алгоритмите на нивните профили.
Во август, „Мета“ се согласи да плати 18 милијарди долари за да постигне спогодба со речиси сите сојузни држави во САД, со што се решаваат обвинувањата дека компанијата ги дизајнирала социјалните медиуми на начин што предизвикува зависност кај децата.
