Опозициската партија во реакцијата оценува дека има поврзаност меѓу одлуката на Уставен да ја отфрли иницијативата за резолуцијата за мигрантите и изјавите на функционерите од власта дека на земјава ќе ѝ бидат потребни странски работници за одржување на моменталното ниво на бруто-домашниот производ
Откако Уставниот суд ја отфрли иницијативата на СДСМ за оценување на уставноста на, како што беше наречена, „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, која на предлог на ВМРО-ДПМНЕ беше усвоена минатата година во Собранието, одлуката ја прокоментираа од СДСМ.

Опозициската партија во реакцијата оценува дека има поврзаност меѓу одлуката на Уставен да ја отфрли иницијативата за резолуцијата за мигрантите и изјавите на функционерите од власта дека на земјава ќе ѝ бидат потребни странски работници за одржување на моментното ниво на БДП.
„Александар Николоски најави 50 000 нови ‘економски работници’ годишно. Мицкоски ја удвои бројката, рече над 100 000, па дури им кажа на граѓаните или многудетни семејства или мигранти, односно ‘економски работници’. Два дена по најавата на Николовски и еден ден по најавата на Мицкоски, гледаме одлука на Уставниот суд со која се отфрла иницијативата на СДСМ за неуставната резолуција со која ѝ се забранува на опозицијата да говори за мигранти, односно за ‘економски работници’“,
се вели во реакцијата на СДСМ.
Оттаму уште еднаш ја обвинија власта за политичко влијание врз правосудството и прашаа:
„Дали е потребно дополнително објаснување?“
Уставниот суд денеска ја отфрли иницијативата на СДСМ за оценување на уставноста на, како што беше наречена, „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, оценувајќи дека оспорената резолуција не содржи правни норми што би можеле да бидат предмет на уставно-судска контрола, туку исклучиво декларации од политички карактер кои не уредуваат општествени односи.
