Еврокомесарката вели дека за продолжување на пристапниот процес на Црна Гора е потребна согласност од сите 27 земји членки на ЕУ. Оцени дека Црна Гора е на добар пат да ги реши отворените прашања со Хрватска, поздравувајќи ги неодамнешните чекори и дијалогот меѓу двете земји. Иако билатералните спорови не се дел од преговорите со ЕУ, нагласи Кос, нивното решавање е неопходно за напредокот на земјата кон членство
Според неа, потпишувањето на пристапниот договор до летото 2027 година е реално, додавајќи дека Брисел ја поддржува визијата Црна Гора да стане 28. членка на ЕУ во 2028 година
Хрватските барања не се дел од процесот на преговори на Црна Гора со Европската Унија, но билатералните прашања мора да се решат. Ова денеска го изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Радио Црна Гора, посочувајќи дека согласноста на сите 27 земји членки е неопходна за понатамошниот напредок на земјата.
Кос денеска и утре е во посета на Црна Гора, каде што ќе присуствува на Самитот на лидерите од Берлинскиот процес во Будва.

Го охрабрува, како што вели, тоа што Црна Гора презема чекори кон решавање на отворените прашања.
Според неа, потпишувањето на пристапниот договор до летото 2027 година е реално, додавајќи дека Брисел ја поддржува визијата Црна Гора да стане 28. членка на ЕУ во 2028 година.
Коментирајќи ги отворените прашања меѓу Црна Гора и Хрватска и можноста хрватските барања да станат услови на Брисел, Кос вели дека треба да се направи разлика меѓу техничкиот дел на процесот на преговори и политичката поддршка од земјите членки на ЕУ.
„Тука би направила разлика помеѓу техничкиот процес и поддршката што секоја земја кандидат мора да ја добие од сите 27 членки на Европската Унија. Она што во последните три години го постигнавте е навистина нешто што се случува еднаш во животот. Навистина сум горда на вас. Се надевам дека и вие тука во Црна Гора сте горди на себеси“,
вели таа во интервјуто за Радио Црна Гора.
Сепак, посочи дека Црна Гора направила речиси сѐ што е потребно во досегашниот процес, но оти зеленото светло од сите земји членки е неоходно за продолжување на европскиот пат.
„На тоа ниво, направивте речиси сѐ. Ни треба уште малку. Ако сакаме да одиме понатаму во овој процес во Брисел, ни треба зелено светло од сите 27 земји членки. Хрватска има свои интереси и за тоа зборува отворено. Среќна сум што во последните денови Црна Гора презеде чекори и што постои дијалог со Хрватска. Сметам дека сте на вистинскиот пат за решавање и на овие билатерални прашања, кои не се дел од процесот на преговори со ЕУ, но поради сѐ што објаснив, мора да се решат“,
додаде таа.
Еврокомесарката оцени дека Црна Гора направила важен чекор кон членство во ЕУ со усвојувањето на предлогот за промена на Уставот за проверка на интегритетот на кандидатите за членови на владата.
Според неа, измените ја приближуваат земјата до затворање на поглавјето 23 од преговорите, а потоа и до завршување на пристапниот процес.
Осврнувајќи се на критиките кон претседателот на Собранието, Андрија Мандиќ, поради изразеното сочувство до семејството на осудениот за воени злосторства Ратко Младиќ, Кос порача дека во ЕУ нема место за величење на воените злосторници.
Посочи дека политичките лидери имаат одговорност да придонесуваат за помирување и почитување на жртвите, што, како што додаде, се важни европски вредности.
„Историјата на територијата на поранешна Југославија е полна со отворени рани. Мислам дека е добро да се зборува за тоа, но не гледајќи назад, туку напред. Важно е да се каже ако нешто не е во ред, ако некој не направил нешто добро. Ова се наши вредности и тие европски вредности се една од причините зошто Црна Гора сака да се приклучи кон ЕУ“,
кажа еврокомесарката.
Зборувајќи за претстојниот самит на Берлинскиот процес во Будва, Кос оцени дека Црна Гора е во центарот на вниманието на европските лидери, како и дека нејзините резултати сѐ повеќе го привлекуваат интересот на земјите членки.
„Кога на почетокот на месецов во Будва се одржа средбата на министрите за надворешни работи, сите рекоа колку е убаво тука, внесете ја Црна Гора во ЕУ. Им одговорив дека таа сигурно ќе дојде. Малку се шегувам, но тоа е голема вистина“,
рече Кос.
Покрај регионалната соработка, таа вели дека една од важните теми на самитот ќе биде начинот на кој Европската Унија може да ѝ помогне на Црна Гора да ги заврши преговорите и да стане полноправна членка.
На прашањето колку е реално Црна Гора да потпише договор за пристапување во Европската Унија до летото 2027 година, Кос одговори дека оваа цел е остварлива ако земјата продолжи со реформите со сегашното темпо.
„Тоа е реално и ме радува. Ќе биде прв пат од 2013 година, кога Хрватска беше последната земја што се приклучи на ЕУ, да сте на пат да го потпишете овој договор. Условите, како и секогаш, се сите реформи да бидат спроведени до крај. Вие сте на добар пат да ги решите отворените прашања со Хрватска во духот на добрососедските односи“,
додаде таа.
Според неа, продолжувањето на реформите и решавањето на отворените прашања ќе овозможат постигнување на амбициозната цел на Црна Гора.
Осум барања на Загреб што Подгорица треба да ги исполни за затворање на преговорите со ЕУ
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ минатата недела пред состанокот на Европскиот совет во Брисел рече дека Хрватска јасно ги посочила осумте нерешени прашања со Црна Гора, за кои, според него, со години нема напредок.
Меѓу нив се обесштетувањето на поранешните затвореници од логорите, поставувањето спомен-плоча во логорот Морињ, процесирањето на воените злосторства, разјаснувањето на судбината на 14 исчезнати лица, имотноправниот статус на Хрватите во Црна Гора и прашањето за границата.
Според него, овие прашања им се познати на црногорските државни претставници и е потребно да се најдат решенија.
