За да бидат поставени, вели скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, се чека финално одобрување од Агенцијата за заштита на личните податоци
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, рече дека на територијата на главниот град во план е да бидат поставени над 200 камери кои треба да детектираат создавање диви депонии и вандализам. За да бидат поставени, вели тој, се чека финално одобрување од Агенцијата за заштита на личните податоци.

„Го чекаме финалното одобрување од Агенцијата за заштита на личните податоци. Повеќе од 200 камери ќе поставиме на критични точки низ Град Скопје. Ќе бидат опфатени места каде што се создаваат депонии и паркови кои постојано се под удар. Град Скопје не е на Орце, ниту на некоја политичка партија. Градот е на сите скопјани и како што си го чуваме својот дом, така треба да си го чуваме и градот“,
изјави скопскиот градоначалник.
Како пример ја посочи фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк и вандализирањето на клупите околу неа.
„Ја обновивме по толку години, прекрасно изгледа и тоа е еден од препознатливите белези на Град Скопје. Откако ја обновивме, трипати досега со графити ги исцртуваат клупите што постојано ги бојадисуваме“,
вели Ѓорѓиевски.
Градоначалникот вели дека средствата што се трошат за отстранување штети предизвикани од несовесно однесување би можеле да бидат употребени за други проекти. Затоа, додаде Ѓорѓиевски, покрај преземањето мерки, неопходно е да се работи и на подигнување на свеста кај граѓаните за зачувување на јавниот простор.
