Министерот за правада најави дека ќе побара мислење од Венецијанската комисија за предложените измени поврзани со полагањето на правосудниот испит на албански јазик, со цел да се обезбеди дополнителна правна сигурност и усогласеност со европските стандарди
Според него, измените немаат за цел создавање паралени системи за полагање на правосудниот систем, туку воспоставување единствен модел во кој јазичната инклузивност и професионалните стандарди меѓусебно се надополнувааат
Не сакаме законските решенија да се носат зад затворени врати, а студентите и факултетите да бидат ставени пред свршен чин. Сакаме процес во кој нивните забелешки, предлози и аргументи ќе имаат вистинска тежина. Ова денеска го соопшти министерот за правда Јетон Шасивари, коментирајќи ги предложените измени поврзани со употребата на јазиците при полагањето на правосудниот испит.
Посочи дека целта на средбата меѓу претставници од Министерството за правда, правните факултети и студентите е преку консултативен дијалог да се разгледаат предложените измени, да се слушнат ставовите на академската заедница и студентите и да се земат предвид нивните забелешки и предлози пред да се донесе конечното решение.

Според министерот, прашањето за правосудниот испит треба да се разгледува, како што се вели во соопштението од Правда, како правно и институционално прашање, при што решенијата треба да се темелат врз стручни аргументи, меѓусебна почит и конструктивен дијалог.
„Нашата цел е да дојдеме до современо, правно издржано и европски ориентирано решение, кое ќе ги земе предвид потребите на сите студенти што го стекнуваат своето високо правно образование на различни јазици“,
вели Шасивари.
Предложените измени, како што посочува, имаат за цел да воспостават рамнотежа меѓу почитувањето на правото на образование и можноста за користење на другиот јазик на кој кандидатот ги завршил правните студии од една страна и потребата од единствен, функционален и професионален правосуден систем, од друга страна.
Во таа насока, додава дека целта е да се обезбедат порамноправни можности за кандидатите без притоа да се отстапи од единствените професионални стандарди што се неопходни за вршење на правните фунцкии.
„Измените немаат за цел создавање паралени системи за полагање на правосудниот систем, туку воспоставување единствен модел во кој јазичната инклузивност и професионалните стандарди меѓусебно се надополнувааат“,
вели министерот.
Најави дека ќе побара мислење од Венецијанската комисија за предложените измени поврзани со полагањето на правосудниот испит на албански јазик. Целта, како што додава, е да се обезбеди дополнителна правна сигурност и усогласеност со европските стандарди.
„Веруваме во аргументите врз кои го градиме предложениот модел и сме подготвени да ги разгледаме сите препораки што ќе произлезат од оваа постапка“,
истакна тој.
Според него, Владата е посветена на почитувањето и унапредувањето на јазичните права, со целосно почитување на Уставот, законите и професионалните стандарди.
Од Министерството за правда посочуваат дека процесот ќе продолжи транспарентно и инклузивно, со вклучување на сите засегнати страни, со цел преку дијалог да се дојде до правно одржливо решение, засновано врз еднакви можности и почитување на европските правни стандарди.
Во мај годинава, во Скопје се одржа протест на студенти кои бараа да им се овозможи полагање на правосудниот испит на албански јазик.
На протестот студентите носеа транспаренти со пораки „Знаењето нема забранет јазик“, „Не допирајте ја нашата иднина“ и „Закон на хартија, дискриминација во практика“. Дел од транспарентите содржеа и политички пораки. Покрај повиците за почитување на Законот за употреба на јазиците, демонстрантите носеа и албански знамиња.
