Обезбедена е современа биолошка терапија, која придонесува за зголемување на успешноста во лекувањето и значително подобрување на квалитетот на живот на пациентите со малигни заболувања, информира Министерството за здравство.
Оттаму велат дека со централизирана набавка обезбедени се 30 нови видови биолошки лекови за третман на рак на дојка, рак на бели дробови, метастазиран меланом, хематолошки болести, лимфоми, мултиплекс склероза, ревматоиден артритис, васкулитис и други заболувања, со кои се опфаќаат голем број пациенти.
„Иновативната биолошка терапија е достапна за сите пациентите во нашата држава на кои им е неопходна. Овие лекови делуваат така што поттикнуваат малигното заболување да се трансформира во хронично, со кое пациентите ќе може да живеат како со секое друго хронично заболување. На тој начин терапијата го продолжува, но истовремено и го подобрува и квалитетот на животот“,
се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Биолошката или иновативната терапија е дел од стандардните протоколи во европските земји, а се користи во раните фази на болеста, но и кога станува збор за понапредна фаза.
„Сега постојат многу прецизни дијагностички анализи, како геномското профилирање на туморите, со кои прецизно се одредува дали одреден пациентот ќе има полза од одредена таргетирана и биолошка терапија, за да може полесно да се насочи и модифицира третманот. Пациентките имаат можност за двојно читање на мамографските слики од двајца независни читачи-радиолози. Тие треба да имаат искуство од читање на мамографии од минимум 800 пациенти“,
се вели во соопштението.
Во Клиничката болница во Битола се формираше Центар за дојка. Во оваа установа пациентките можат на едно место да направат мамографија, ехо преглед и магнетна резонанца. Исто така, за првпат се обезбеди и психолошка поддршка на онколошките пациенти, што е значајна и важна за успешно лекување на болестите.