„Повторуваме дека намалувањето на сиромаштијата е политичка одлука и директно зависи од креирање и имплементирање соодветни, сеопфатни и достоинствени политики, кои не ја третираат сиромаштијата како случајност или личен неуспех, туку како системски проблем што може и мора да се реши“, велат од МППС

Македонската платформа против сиромаштија (МППС) упати отворено писмо до Владата на РС Македонија по повод 17 октомври – меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата.
МППС преку писмото бара итна акција за да се намалат сиромаштијата и социјалната исклученост во земјата.
„Нашата цел и директно барање е итно донесување на сеопфатна национална стратегија против сиромаштијата, по примерот на Европската стратегија против сиромаштија, со која Европската комисија постави јасна цел за целосно искоренување на сиромаштијата до 2050 година. Повторуваме дека намалувањето на сиромаштијата е политичка одлука и директно зависи од креирање и имплементирање на соодветни, сеопфатни и достоинствени политики, кои не ја третираат сиромаштијата како случајност или личен неуспех, туку како системски проблем што може и мора да се реши“,
велат од МППС.
Затоа МППС упати шест клучни барања до Владата:
- Итно спроведување на Европската гаранција за децата, универзален детски додаток и мерки за превенција на детската сиромаштија;
- Вклучување на домувањето во социјалните политики, со фокус на домувањето како човеково право, превенција на бездомништво, достапно домување за младите, заштита на граѓаните од нереалните цени на пазарот и незаконските практики на правните субјекти;
- Развој на услуги за ранливите категории на граѓани, вклучително и вложувања за зголемување на пристапот до градинки, социјални услуги за деца со попреченост и услуги за грижа и нега за стари лица;
- Намалување на сиромаштијата помеѓу вработените преку соодветна и доследна имплементација на механизмите за заштита и надзор врз работничките права;
- Усвојување политики кои ќе ги намалат плаќањата од џеб на граѓаните во здравството;
- Развој на мерки за справувањето со сиромаштијата и социјалната исклученост кај постарите лица преку флексибилни патеки за пензионирање и соодветност на пензиите, поддршка за активно стареење и ефективен пристап до висококвалитетни услуги за нега и насочени интервенции за социјална инклузија.
Од Платформата велат дека речиси 22 отсто од граѓаните во Македонија живеат под линијата на сиромаштија, 29,5 отсто од децата живеат во сиромаштија, 38 отсто од децата се во состојба на повеќедимензионална сиромаштија и живеат во услови ризични по здравјето, учењето, безбедноста и развојот на самото дете, а 19 отсто од домаќинствата со деца добиваат детски и семејни додатоци, во споредба со 88 отсто во Европската Унија.
