„Додека тие мислат дека сме го изгубиле помнењето и дека не се сеќаваме за тоа што се случило, ние мораме да излеземе во недела масовно и да го заокружиме бројот 1 за Цоки и да им докажеме дека помниме и дека никогаш нема да дозволиме повторно тие да ни се случат“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Изборите во Брвеница се и порака за тоа во каква држава сакаме да живееме – полна со навреди, криминал, подметнувања и свиткана кичма каква што ја сакаат нашите противници, или Македонија во која ќе се бориме за секој човек, исправени и горди и достоинствени. Ова вечерва го порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од завршниот митинг во Брвеница, пред изборите за градоначалник во недела.

Во обраќањето тој рече дека Брвеница има реални потреби за подобрување на инфраструктурата, за подобри услови за локалната економија, за поддршка на земјоделците, почиста животна средина и подобри јавни услуги.
„Но, пред сè, има потреба од институции што ќе бидат праведни и достапни. Брвеница ја има поддршката од Владата и со Стојанчо Радичевски, нашиот Цоки, ќе соработуваме за силна општина која ќе биде достапна за сите“,
порача Мицкоски.
Тој во своето обраќање се осврна на, како што рече, постигнатите резултати на актуелната влада, меѓу кои навремената испорака на учебниците, зголемувањето на платите и пензиите и поддршката за земјоделците. Истовремено, ја критикуваше претходната влада на СДСМ за доцнењето со исплатата на земјоделските програми и ги оспори законските предлози што партијата ги поднесува во Собранието.
Оттука, ги повика жителите на Брвеница в недела да го дадат својот глас за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Да не дозволиме повторно да ни се случи СДС. Додека тие мислат дека сме го изгубиле помнењето и дека не се сеќаваме за тоа што се случило, ние мораме да излеземе во недела масовно и да го заокружиме бројот 1 за Цоки и да им докажеме дека помниме и дека никогаш нема да дозволиме повторно тие да ни се случат“,
рече Мицкоски.
Во својот говор тој упати критики на сметка на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го за навреди, арогантно однесување и недостиг на конкретна програма.
„Вчера тука беше Венко Филипче. Немаа програма, немаа дела кои ги понудија, но имаа навреди, омаловажувања, арогантен однос. Кажаа некаков проект и освен тоа што видовме неартикулирано викање, беседење и исплашени луѓе на бина, буквално ништо друго не видовме. Изборот на овие избори за Брвеница е помеѓу сигурна иднина за сите граѓани, и избор со кој Брвеница ќе се подели, за жал“,
изјави Мицкоски.
Обвини дека Филипче е во состојба да продаде сè само за да дојде до власт.
