Осврнувајќи се на несогласувањата во партијата и иницијативата „Платформа12:05“, вели дека различните ставови можат да бидат предност доколку постои подготвеност за дијалог и изнаоѓање заеднички решенија. Негова заложба и цел, како што додаде, е да ги помири спротивставените страни, да седнат сите на маса, да се обединат и да тргнат во победа
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) е во процес на консолидација и обединување на членството, со цел враќање на довербата кај граѓаните, вели потпретседателот на партијата и градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Во интервју за „Дневникот“ на ТВ Сител, тој вели дека СДСМ треба да ги надмине внатрешните поделби и да понуди обединета опозициска алтернатива.
„Во тек е консолидирање на партијата. Треба да покажеме резултати, да ги сплотиме сите поделени страни, да седнеме заедно на маса и да ја вратиме партијата на победничките шини“,
кажа тој.
Коментирајќи ја работата на актуелната власт, рече дека незадоволство е присутно кај различни категории граѓани, како бизнисмените, земјоделците и административните работници.
„ВМРО-ДПМНЕ е во слободен пат. Има голем број неопределени гласачи кои се незадоволни од власта, а тоа треба да се искористи. Затоа СДСМ мора да се екипира и да се сплоти во заеднички фронт против власта“,
вели Герасимовски.
Осврнувајќи се на несогласувањата во партијата и иницијативата „Платформа12:05“, вели дека различните ставови можат да бидат предност доколку постои подготвеност за дијалог и изнаоѓање заеднички решенија.
„Моја заложба и цел е да ги помирам спротивставените страни. Добро е за секоја партија да има различни ставови, но тоа треба да нè прави посилни. На крајот на денот треба да седнеме сите на маса, да се обединиме и да тргнеме во победа“,
кажа потпретседателот на партијата.
Оцени дека за надминување на разликите е потребна волја од сите страни и посочи дека продолжува комуникацијата со дел од членовите на Платформата.
„Се согласувам дека двете страни си испратија неубави пораки, но треба да се дискутира за се. Поголемиот дел од Извршниот одбор и партиските функционери можат да дојдат до заеднички јазик, но треба волја за тоа“,
додаде тој.
Според него, со дел од членовите на Платформата и понатаму има пријателски односи, посочувајќи го Иван Ивановски, кој бил дел од неговиот изборен штаб.
Според него, единството отворениот дијалог и заедничката стратегија се клучни за СДСМ да ја врати довербата кај граѓаните и повторно да се врати на победничките патеки.
