„Без разлика на театарот што му го направија десетина негови лојалисти со навивачка пиротехника, исплашениот и блед лик на ‘кингот‘ говори многу без тој воопшто да изусти збор“, се вели во партиското соопштение
Од владејачката Влен денеска преку соопштение се огласија за излегувањето од куќен притвор на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој е второобвинет во случајот „Државна лотарија“. Оттаму сметаат дека тоа што тој веќе не е во куќен притвор не значи дека е слободен од одговорност оти, како што велат, обвинението против него и натаму претставува сериозен товар.

„Казино-момчето Артан Груби излезе од куќен притвор, но е далеку од слободен чоек. Каков пазар да прави, колку и да ги користи старите врски на ДУИ во правосудството, подземните шеми, тој уште долго ќе мора да се справува со неговите владејачки гревови. Има обвинение и без разлика колку е спремен Перпарим Бајрами да се жртвува за него, на Груби му виси тежок камен околу вратот“,
велат од Влен.
Според партијата, целото раководство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) се прашува зошто по една година бегство тој сам се пријави на граница и доби само куќен притвор.
„Факт е дека истече максималниот рок во кој можеше да му се продолжува притворот. Факт е дека Артан Груби ќе може да се движи само во Скопје и ќе треба редовно да се чекира во Судот. Факт е дека за таа ограничена слобода на движење даде гаранција вредна 350 илјади евра како да се 100 денари“,
додаваат оттаму.
Од ВЛЕН ги критикуваат и реакциите на поддржувачите на Артан Груби по неговото излегување од куќен притвор, оценувајќи дека јавната поддршка што му ја покажале била проследена со навивачка пиротехника.
„Без разлика на театарот што му го направија десетина негови лојалисти со навивачка пиротехника, исплашениот и блед лик на ‘кингот‘ говори многу без тој воопшто да изусти збор“,
пишува во партиското соопштение.
Од Влен упатуваат критики и до Бујар Османи, кого го обвинуваат дека се обидел да ги ублажи претходните изјави за Груби од кампањата за локалните избори, како и до Али Ахмети, за кого велат дека во неколку наврати се обидел да ја претстави промената на мерката за Груби како свој успех.
„Иако Бујар Османи во интервју се обиде да го излиже тоа што го исплука за Артан Груби во кампањата за локалните избори, сепак тоа не беше доволно. Мораше уште повеќе да се понижи и како поранешен шеф на дипломатијата стана навивач за човек кој е на црната листа на САД. Симптоматично, недостасуваше факелот на Али Ахмети, кој во неколку наврати со изјави неуспешно се обиде да си ја припише како личен успех замената на куќниот притвор со поблаги мерки за неговиот поранешен најблизок соработник и некрунисан наследник. Да не случајно Артан Груби добил задача да направи драматичен раскол во ДУИ?“,
велат од Влен.
Од Влен иронично му посакуваат на Груби добро здравје и кондиција, оценувајќи дека неговите јавни настапи и комуникацискиот пристап придонеле за падот на рејтингот на ДУИ. Според коалицијата, неговото присуство во партијата дополнително ќе ја отежне неопходната кадровска реформа, што го сметаат за поволно за изборните позиции на Влен.
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој е второобвинет во случајот „Државна лотарија“, а кој излезе од куќен притвор откако мерката му беше укината по сила на законот, синоќа во скопски Чаир од своите сограѓани беше пречекан со факели и чадни бомби.
Груби синоќа излезе од куќен притвор бидејќи истече максимално предвидениот законски рок за оваа мерка. Според судското соопштение, согласно член 470 од Законот за кривичната постапка (ЗКП), мерката притвор односно куќен притвор по поднесен обвинителен предлог не може да трае подолго од 60 дена
