Од партијата прашуваат дали премиерот Христијан Мицкоски е запознаен со состојбите, посочувајќи на, како што велат, пропусти во контролата на државната граница и во работењето на безбедносните служби
Либерално-демократската партија (ЛДП) денеска преку соопштение реагира на случаите со Ива Михаилова и Артан Груби, велејќи дека тие се доказ за институционален колапс и нарушено владеење на правото.

Според партијата, случајот со Ива Михаилова претставува трагикомедија во која системот е целосно парализиран.
„Истиот ден кога Судот и Обвинителството побараа нов притвор за бегалката Ива Михаилова, од притвор насмеан и раат излезе бившиот бегалец Артан Груби“,
се вели во партиското соопштение.
Од партијата прашуваат дали премиерот Христијан Мицкоски е запознаен со состојбите, посочувајќи на, како што велат, пропусти во контролата на државната граница и во работењето на безбедносните служби.
„Додека државната граница функционира како пропустлив синус каде што со обична македонска лична карта и без евиденција се преминува во странство, се поставува клучното прашање: Го видел некој премиерот Мицкоски?“
прашуваат од ЛДП.
Оттаму побараа оставки од премиерот, министрите и раководителите на безбедносните служби бидејќи, како што велат, не можат да ја гарантираат безбедноста на границите.
„Ако премиерот, министрите и раководителите на безбедносните служби не можат да ја чуваат сопствената државна граница, ниту да воспостават владеење на правото, најмалку што можат да сторат е да си поднесат оставки и да отворат своја приватна агенција за ‘ВИП-бегства без печат‘!“,
со додава во партиската реакција.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски синоќа во телевизиско гостување рече дека истрагата ќе утврди како Ива Михаилова излегла од Македонија, додавајќи дека во текот на 2026 година таа не е евидентирана на граничните контроли ниту во земјава ниту во Бугарија.
Потенцира и дека таа вечерта на 10 октомври се наоѓала на територија на државата.
Ги коментираше и наводите во бугарските медиуми дека адвокатот Николај Димитров ја изнел Ива Михаилова од Македонија, тврдејќи дека како родољуб не можел да ја остави својата сограѓанка и дека македонските гранични служби знаеле за нејзиното преминување.
Според министерот, адвокатот легално ја преминал границата во текот на минатиот месец.
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој е второобвинет во случајот „Државна лотарија“, а кој излезе од куќен притвор откако мерката му беше укината по сила на законот, синоќа во скопски Чаир од своите сограѓани беше пречекан со факели и чадни бомби.
Груби синоќа излезе од куќен притвор бидејќи истече максимално предвидениот законски рок за оваа мерка. Според судското соопштение, согласно член 470 од Законот за кривичната постапка (ЗКП), мерката притвор односно куќен притвор по поднесен обвинителен предлог не може да трае подолго од 60 дена
