Покрај илјадниците волонтери, во акцијата, чиј старт е закажан за 11 часот, ќе бидат вклучени и општините, градоначалниците, учениците и граѓани
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски најави дека најголемата еколошка акција за чистење на Скопје, која почна кон крајот на септември, ќе продолжи денеска на повеќе од 50 локации во главниот град. Ќе се чистат паркови, улици, пешачки патеки, јавни површини и простори меѓу зградите.

Покрај илјадниците волонтери, во акцијата, чиј старт е закажан за 11 часот, ќе бидат вклучени и општините, градоначалниците, учениците и граѓани.
„Луѓе од различни генерации и професии, обединети околу желбата за почисто, поубаво и поздраво Скопје! Да се собереме таму каде што секојдневно живееме, се движиме и ги создаваме спомените. Да се погрижиме за местата каде што играат нашите деца и да им покажеме што значи да се биде одговорен кон својот град. Да оставиме пример, не ѓубре – Скопје повторно се обединува во најголемата еко-акција досега!“,
напиша Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.
Градоначалникот нагласи дека ваквите акции ќе се одржуваат двапати месечно.
„Ќе бидеме упорни, ќе се собираме повторно и ќе градиме традиција на заедништво и одговорност. На неодговорноста ќе одговориме со личен пример. Верувам во скопјани“,
додава тој во фејсбук-објавата.
