Хируршки му е отстранет долниот дел од десното белодробно крило, а дијагнозата ја потврдиле и анализите на ткивото направени за време на операцијата
Ватикан соопшти дека се очекува папата да остане во болница околу една недела. Сите негови јавни активности се откажани до 20 октомври
На папата Лав му е дијагностициран аденокарцином на белите дробови, честа форма на рак на белите дробови, пренесува Ројтерс повикувајќи на се информации од Ватикан.
Тој денеска бил примен во болницата „Џемели“ од Ватикан, а при пристигнувањето ги поздравил насобраните граѓани кои дошле да му дадат поддршка.

Хируршки му е отстранет долниот дел од десното белодробно крило, а дијагнозата ја потврдиле и анализите на ткивото направени за време на операцијата. Операцијата траела околу 90 минути и поминала успешно, без компликации.
Според медицинскиот билтен, 71-годишниот понтиф нормално се разбудил по интервенцијата и се одмора во болничката соба.
Главниот хирург на папата, професорот Стефано Маргаритора, кој раководи со одделот за торакална хирургија во болницата „Џемели“ во Рим, соопшти дека за отстранување на зафатениот дел од белите дробови била применета видеоасистирана хируршка техника. Брзата хистолошка анализа ја потврдила дијагнозата за која лекарите се сомневале врз основа на претходните испитувања.
Ватикан претходно соопшти дека се очекува папата да остане во болница околу една недела. Сите негови јавни активности се откажани до 20 октомври.
Папата, кој беше избран во мај 2025 година, е релативно млад за поглавар на Католичката црква. Не е познат како пушач, а според достапните информации, пред актуелните здравствени проблеми немал неодамнешни посериозни здравствени тегоби.
Забележано е дека има интересот за спорт, вклучително за тенисот.
И покрај операцијата, неговиот распоред за следниот период вклучува 11-дневна посета на Уругвај, Аргентина и Перу, планирана од 6 до 17 ноември. Засега не е соопштено дали здравствената состојба ќе влијае врз патувањето.
Папата Лав, роден во Чикаго во 1955 година како Роберт Превост, а со децении служел како мисионер и бискуп во Перу пред да стане папа.
Во 1985 година, додека бил млад свештеник во Чулуканас, Перу, заболел од тифусна треска и бил хоспитализиран. Подоцна раскажал дека болката била толку силна што го молел Бога да го ослободи од страдањето, а преживувањето го доживеал како знак дека сè уште има мисија на Земјата.
Папата е духовен поглавар на околу 1,4 милијарди католици во светот. Кога е спречен да ги извршува своите должности, работата на ватиканските институции продолжува, додека одлуките за кои е потребно негово одобрение се одложуваат.
Неговиот претходник, папата Франциск, во последните години од животот беше повеќепати хоспитализиран. Почина на 88-годишна возраст во април 2025 година.
