Основниот суд во Кочани денеска ѝ одреди 30-дневен притвор на Ива Михаилова по предлог на кочанското Основно јавно обвинителство. Притворот ќе започне да се спроведува веднаш штом таа ќе биде пронајдена и приведена
Министерството за внатрешни работи (МВР) попладнево распиша централна и меѓународна потерница по Ива Михаилова откако Основниот суд во Кочани претходно ѝ одреди 30-дневен притвор.
Ова следува ден ден откако бугарските медиуми објавија дека таа се наоѓа во Бугарија, иако претходно ѝ биле одземени двата пасоша – македонскиот и бугарскиот, како дел од превентивните мерки со кои требало да се спречи нејзиното заминување од државата.
Против Михаилова се води судски процес за сообраќајна несреќа со смртни последици.

„Ива Михаилова (23) од Кочани, од татко Симеон и мајка Христина, двајцата од Кочани, е барано по централна и меѓународна потерница по барање на Основниот суд Кочани за кривично дело по член 300 став 4 и член 297 став 3 од Кривичниот законик“,
се вели во полициското соопштение.
Основниот суд во Кочани денеска ѝ одреди 30-дневен притвор на Ива Михаилова по предлог на кочанското основно јавно обвинителство. Притворот ќе започне да се спроведува веднаш штом таа ќе биде пронајдена и приведена.
Според претседателот на кочанскиот суд Спиро Борисов, притворот за Михаилова е одреден поради непочитување на претходно изречените мерки на претпазливост, како одземање на патна исправа и забрана за напуштање на државата.
Бугарската БТВ вчера утрото објави дека Ива Михаилова, жителка на Кочани со македонско и бугарско државјанство, ја преминала македонско-бугарската граница во придружба на адвокатот Николај Димитров од Бугарија.
Во изјава за медиумот, таа рече дека одлучила да замине за Бугарија поради влошената здравствена состојба, како и дека тоа го сторила со своите документи за лична идентификација.
Македонските власти вчера соопштија дека Михаилова не била евидентирана ниту од македонската ниту од бугарската гранична полиција при излез од Македонија, односно при влез во Бугарија.
На Михаилова, како што соопштија од Обвинителството, и двата пасоша ѝ биле одземени уште во октомври минатата година, кога учествуваше во сообраќајната несреќа со смртни последици за која ѝ се суди во Кочани.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во извадокот од интервјуто за телевизија Сител, кое ќе биде емитувано денеска во „Дневникот“ во 19 часот, вели дека Михаилова нелегално ја напуштила државата.
„Согласно информациите што ги имам, меѓународна потерница ќе биде распишана денеска, јавното обвинителство побара определување мерка притвор. Доколку судот донесе таква одлука веднаш, Министерството ќе ја процесира преку каналите што ги имаме за меѓународна соработка. Се надевам дека нашиот источен сосед ќе се одважи да ги почитува меѓународните правила, Европската конвенција за човекови слободи и права, сè она што значи нормална европска држава каква Бугарија тврди дека е и суштински и е дел од семејството на ЕУ“,
кажа тој.
Тоа Бугарија, како што додаде, треба да го покаже со дела, а не само со декларативни изјави.
