Радев утрово свика итен состанок на Советот за безбедност на Владата на Бугарија, а во врска со новите напади се огласија и челниците на Европската Унија и НАТО, кои ги осудија случувањата
Претходно, на 6 октомври, два комерцијални брода беа погодени од беспилотни летала во Црното Море, во ексклузивната економска зона на Бугарија. Во овие напади, за кои кои сè уште не е утврдено кој стои, едниот брод потона, а морнарите од другиот беа спасени и префрлени во болниците во Варна
Нови напади на два комерцијални брода во бугарските територијални води се регистрани рано утринава, објавија тамошните медиуми, а кои доаѓаат точно една недела откако цел на удари со дронови, исто така, беа две комерицијални пловила во економската поморска зона на Бугарија.

За новите напади, во изјава за медиумите, извести бугарскиот премиер Румен Радев. Во првичното излагање пред новинарите тој говорше за еден погоден брод, за по кратко време да соопшти дека има уште еден погоден брод, кој потонал.
Радев утрово свика итен состанок на Советот за безбедност на Владата на Бугарија, а во врска со новите напади се огласија и челниците на Европската Унија и НАТО, кои ги осудија случувањата.
Бугарскиот премиер соопшти дека надлежните служби на земјата спроведуваат операција за пребаруавње и спасување откако околу 1:30 часот ноќеска бил примен сигнал за брод во неволја на околу 18 наутички милји од Бјала во Црното Море.
Центарот за поморско спасување во Варна веднаш реагирал, по што целиот екипаж на бродот, составен од седум украински и осум азербејџански државјани, бил спасен.
Бродот „Челзи 3“, кој пловел под знамето на Малта, а е регистриран во Одеса, во сопственост на Украина, бил погоден, според екипажот, од три дрона, кои ја погодиле палубата на бродот, пренесе бугарската национална телевизија (БНТ).
Екипажот на бродот бил успешно транспортиран до пристаништето Варна, каде петмина од членовите на екипажот добиле медицинска помош.
„Уште еден напад врз трговски бродови во бугарските територијални води е апсолутно неприфатлив. Известени се нашиот постојан претставник во НАТО и нашиот постојан претставник во Европската Унија. Треба да разговарам со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте“,
изјави Радев пред состанокот.
Бугарскиот премиер рече дека Софија ќе бара поддршка во истрагата за нападите врз три брода, за да може прецизно да се утврди од која земја доаѓаат беспилотните летала што ги таргетираат бродовите во бугарските територијални води.
„Немаме цврсти и јасни докази за да покренеме обвиненија против која било од страните, но логиката, како што веќе наведов, укажува дека резултатот е во корист на Руската Федерација. Затоа, денес ќе ја повикам амбасадорката (Елеонора) Митрофанова на разговор“,
рече тој.

Радев изјави дека додека траел состанокот на Советот за безбедност на бугарската влада, е добиена информација дека уште еден брод бил погоден источно од Крапец, на околу 17 наутички милји од бугарскиот брег. Според информациите, бродот потонал, а едниот член на екипажот на него е спасен. Како што пренесоа бугарските медиуми, станува збор за бродот „Азов конкорд“, кој вчера испловил од романското пристаниште Галати, крајната дестинација му било турското пристаниште во Измир.
Бродот „Челзи 2“, пак, на 10 октомври испловил од турското пристаниште „Герисун“ и се движел кон пристаништето „Ѓурѓулешти“ во Молдавија. Таму тој требало да пристигне во текот на утрешниот ден.
Новите напади врз трговски бродови во бугарските територијални води ги осуди и министерката за надворешни работи на земјата, Велислава Петрова-Чамова, која на социјалните мрежи напиша дека нападите претставуваат грубо крешење на меѓународното право и принципите на безбедна пловидба.
„Безбедноста на Црното Море е составен дел од безбедноста на Европа. Слободата на пловидба и безбедноста на цивилните екипажи мора да бидат приоритет“,
изјави Петрова-Чамова.
Таа информира дека е во постојан контакт со партнерите на Бугарија во ЕУ и НАТО и дека веќе разговарала со нив за потребата од помош во истрагата за нападите, односно за утврдување на потеклото на беспилотните летала, како и за зајакнување на надзорот на бугарскиот воздушен и морски простор, капацитетите за одговор на земјата.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека Црното Море станало уште еден фронт во војната на Русија во Украина, осудувајќи ги нападите со беспилотни летала врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег.
„Црното Море стана уште еден фронт за ескалација на војната на Русија во Украина. Ова е неприфатливо. Силно ги осудувам нападите со беспилотни летала врз трговските бродови во близина на бугарскиот брег. Ова ги става животите на екипажите во смртна опасност и ја загрозува безбедноста во Црното Море. Ја поддржуваме Бугарија и им се заблагодаруваме на спасувачките екипи за нивниот брз одговор. Сторителите мора да ја преземат одговорноста“,
изјави Фон дер Лајен.
Шефот на НАТО, Марк Руте, објави дека разговарал со бугарскиот премиер Румен Радев во врска со инцидентите во Црното Море, наведувајќи дека НАТО ќе продолжи тесно да соработува со своите сојузници кои имаат излез на Црното Море.
I spoke with Bulgarian PM @RumenRadevPM about the latest attacks on commercial shipping in the Black Sea. NATO will continue to work closely with our Allies in the Black Sea. We have already strengthened our posture along the eastern flank and will continue to monitor the security environment, adjusting our deterrence and defence posture as needed
— Mark Rutte (@SecGenNATO) October 13, 2026
Пред точно една недела, односно на 6 октомври, два комерцијални брода беа погодени од беспилотни летала во Црното Море, во ексклузивната економска зона на Бугарија. Во овие напади , за кои кои сè уште не е утврдено кој стои, едниот брод потона, а морнарите од другиот беа спасени и префрлени во болниците во Варна.
