Според проекциите на ММФ, во 2027 година се очекува раст од 3,2 проценти

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги ревидираше очекувањата за македонската економија и во најновиот октомвриски извештај за глобалните економски движења, објавен во пресрет на есенските состаноци на ММФ и Светската банка во Бангкок, прогнозата за економскиот раст на Македонија за 2026 година е зголемена на 3,5 отсто, во споредба со претходно проектираните 3,1 проценти.
Според проекциите на ММФ, во 2027 година се очекува раст од 3,2 проценти.
Од земјите во регионот, за Албанија и Косово исто така е прогнозиран раст од 3,5 отсто, за Србија е 3,2, Црна Гора 3, Бугарија 2,6, Босна и Херцеговина 2,3, Хрватска 2,2 и Грција 1,8 проценти.
Неодамна и Светска банка ја ревидираше прогнозата за растот на Македонија за 2026 година од 2,9 на 3,2 отсто, посочувајќи ги инфраструктурните проекти како главни двигатели, додека за 2027 и 2028 година предвидува стабилен раст од 3,0 проценти.
На глобално ниво, ММФ благо ја зголеми прогнозата за растот на светската економија во 2026 година на 3,1 отсто, но предупреди дека растот останува слаб. За споредба, во 2025 година глобалниот раст изнесуваше 3,5 отсто. Во извештајот се наведува дека американската економија се очекува да задржи стабилен раст од 2,3 отсто во 2026 и во 2027 година.
Се очекува цените на нафтата годинава да се зголемат за речиси 41 отсто, односно да достигнат просек од 96 долари за барел.
Ова поскапување ќе ја поттикне глобалната инфлација на 4,7 отсто во 2026 година, од 4,1 проценти минатата година.
Извештајот исто така посочува дека подемот на вештачката интелигенција ги ублажува негативните ефекти од високите цени на енергенсите, иако придобивките не се рамномерно распределени. Оценката на Фондот е дека влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот ќе се шири како „бавно цунами“.
Овие прогнози се засноваат врз претпоставката дека испораките на нафта и гас преку Ормускиот Теснец ќе се нормализираат до март и дека побарувачката поврзана со вештачката интелигенција умерено ќе се намали.
