Претседателот на САД во изјава за новинарите кажа дека Владимир Путин и Володимир Зеленски мора да се сретнат и, како што рече, да ја завршат оваа апсурдна војна
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека и Русија и Украина го прекршиле енергетското примирје што тој самиот го прогласи, тврдејќи дека рускиот претседател Владимир Путин е поподготвен од украинскиот претседател Володимир Зеленски да постигне договор за ставање крај на четиригодишната војна.

Тој во изјава за новинарите кажа дека Путин и Зеленски мора да се сретнат и, како што рече, да ја завршат оваа апсурдна војна. Во однос на енергетското примирје меѓу Русија и Украина, кое Трамп го објави пред два дена, американскиот претседател вели дека било прекршено од двете страни.
„Имаше прекршувања од двете страни“,
рече Трамп.
Коментирајќи ги изгледите за постигнување договор за крај на војната, претседателот на САД рече:
„Мислам дека и двајцата го поддржуваат тоа. Мислам дека сакаат да постигнат договор, но не знаат како. Но, ние ќе ги натераме да постигнат договор.“
Тој потоа додаде дека Путин е повеќе заинтересиран за постигнување договор отколку Зеленски и рече дека САД мораат да се погрижат за и украинскиот претседател да сака да постигне договор.
„Мислам дека, всушност, Путин сака да постигне договор повеќе од Зеленски“,
рече Трамп.
