Николовски предлага Македонија да настапи со нацрт-гаранции, Крстиновска предупредува на политичкиот притисок врз историчарите, а Поповски бара начин да се управува со разликите без тие да стануваат блокади

Дали несогласувањата во историската комисија ќе значат ново вето за Македонија во преговорите со ЕУ е прашање што треба јасно да се утврди во дијалогот со Бугарија, смета извршниот директор на „Евротинк“, Димитар Николовски. Во дебатата во „360 степени“ на МРТ 1, тој порача дека земјава треба да ги дефинира гаранциите што ги бара и да предложи текст за кој би се разговарало на следните средби.
„А една од главните и болни точки и тешки точки е работата на историската комисија, очекувањата од работата на таа комисија за време на преговорите, да може некако да се дефинира тоа што би донело вето и дали работата на историската комисија, нивното несогласување, дали автоматски значи вето или не. Тоа би било, мислам, многу важно за нас и многу конструктивно да го знаеме, дали постои консензус помеѓу двете држави по однос на ова прашање“,
рече Николовски.
Според него, ова прашање сè уште не е доволно дефинирано, а Македонија може да преземе иницијатива со конкретен предлог.
„Зборуваме за гаранции, меѓутоа не сме ги дефинирале што се тие гаранции. И мислам дека би било многу конструктивно ние да настапиме со драфт-гаранции кои подоцна ќе бидат дискутирани на тие средби и би биле преговарани“,
додаде тој.
Претседателката на ЕСТИМА, Ана Крстиновска, оцени дека нема едно решение кое преку ноќ ќе ги среди билатералните односи. Таа смета дека работата мора да се одвива паралелно на повеќе нивоа, преку формални тимови и договорена агенда.
„Историската комисија, факт е дека е можеби најпроблематичниот аспект, затоа што од една страна треба да биде експертско тело на историчари, од друга страна има политички очекувања коишто се врзани со нејзината работа и силен политички притисок, така што во такви услови комисијата како тело не може едноставно да функционира и да ги даде очекуваните резултати. Таква комисија се предвидуваше и во односите со Грција, меѓутоа таму беше дел од мерките за градење доверба. Никогаш не ѝ беше дадена клучна моќ да одлучува за евроинтегративниот процес“,
рече Крстиновска.

Таа посочи на искуствата меѓу Франција и Германија, Германија и Полска, како и на начинот на организирање на разговорите во други спорови. Поради нееднаквото влијание на Македонија и Бугарија во ЕУ, смета дека е потребно вклучување и на трета страна.
Во разговорот беше отворено и прашањето дали исполнувањето на веќе преземените обврски е доволно за враќање на довербата.
„Ние дефинитивно тоа треба да го спроведеме. Меѓутоа тоа нема да ги поправи билатералните односи, да ја врати довербата, и тоа мислам дека е нешто што треба малку почесто да го кажуваме. Затоа што нашата единствена гаранција, навистина не ми се допаѓа тој збор, меѓутоа нашата гаранција се добрососедските односи со Бугарија и градењето доверба дури и кога ќе стигнеме до крајот на пристапниот процес и за тоа треба работа од двете страни“,
оцени Крстиновска.
Таа го посочи договорот со Фронтекс како пример за практичен компромис.
„Видете, јазикот е токму пример дека може да се направи креативен компромис. Ние не можеме да очекуваме дека Бугарија утре ќе го смени тој децениски став дека постои македонски јазик како различен од бугарскиот, меѓутоа во случајот со договорот со Фронтекс беше постигнат некаков компромис којшто овозможи работата да се задржи“,
рече таа.
На новинарска забелешка дека оние што ги бараат проблематичните точки во Преговарачката рамка велат дека тоа не значи дека прашањето за јазикот е затворено, Крстиновска одговори дека токму затоа треба да се разговара со Бугарија дали ваквиот пристап може да се применува и понатаму. Според нејзиното толкување, еднострана бугарска изјава може да ѝ овозможи на Софија да ја задржи својата позиција, без да ја попречува употребата на македонскиот јазик во европски контекст.

Поранешниот министер Тони Поповски нагласи дека целокупните односи не треба да ѝ се препуштат на историската комисија и дека улога имаат и универзитетите, стопанските комори и културната размена. Неговата порака е да се бара начин за управување со несогласувањата, како во европските примери каде што различни историски гледишта опстојуваат со децении.
„Но она што тие го имаат изнајдено, паметно, цивилизациски, европски е договор, да се согласат или да најдат начин како ќе управуваат со несогласувањата. Значи, таму каде што нема да се согласиме, не нужно веднаш да се претвора во блокада. Тоа мислам дека треба да биде еден европски пристап кој го имаме на маса“,
рече Поповски.
На забелешката дека е клучно дали Бугарија е подготвена да прифати опстојување на различните историски наративи, Поповски одговори дека токму затоа треба да се разговара, со користење добри европски практики и, ако е потребно, посредништво.
