Тони Поповски укажува на разликите во разбирањето на зборот „доверба“ од македонска и од бугарска страна, Ана Крстиновска предлага дијалог на повеќе нивоа и поактивна улога на ЕК, а Николовски смета дека Македонија треба да преземе иницијатива за агендата на дијалогот

Средбата на министрите Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова во Софија е позитивен чекор, но за придвижување на односите меѓу Македонија и Бугарија се потребни континуирани разговори со конкретна агенда и работа на обновување на довербата. Ова се дел од оцените на Ана Крстиновска, Тони Поповски и Димитар Николовски во дебата во „360 степени“ на МРТ 1.
На прашањето дали може да се очекува пробив по средбата, претседателката на ЕСТИМА, Крстиновска, рече дека е охрабрувачка најавата за продолжување на контактите, но предупреди на нереални очекувања за брз исход.
„Се разбира дека треба да се надеваме, меѓутоа не би требало да очекуваме ништо на краток рок или дека со една или со две средби ќе се заврши цела работа. Многу е позитивно што се случи средбата во овој момент и она што мене навистина ми влева надеж е таа изјава на крајот дека ќе продолжат контактите меѓу двете држави“,
рече Крстиновска.
Според неа, комуникацијата треба да се прошири и надвор од средбите на министрите за надворешни работи.

„Не само што би требало да продолжат туку и би требало да се интензивираат, ние треба да разговараме на сите нивоа, и во Владата, и меѓу парламентите, и на ниво на граѓаните, на сите нивоа да се обидеме на некој начин да ги вратиме односите во нормала. Затоа што нешто што е основно, а тоа е доверба меѓу двете држави, во текот на изминатите години целосно се изгуби“,
посочи таа.
Крстиновска предложи и поструктуриран дијалог, со официјални технички и преговарачки тимови за спорните прашања. Ја поздрави иницијативата од претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, оценувајќи дека Комисијата може поактивно да помогне во разговорите.
„Важно е да се вклучи Европската комисија, можеби како поактивен олеснувач во самите преговори, затоа што не секогаш двете страни, кога се предолго во своите ровови, можат да најдат начин да се надминат спорните прашања. Некогаш е потребно нечие неутрално око, некоја формулација којашто ќе биде креативна или којашто ќе го премости јазот за да се деблокира некоја ситуација. Меѓутоа, мора да се почне од некаде“,
рече Крстиновска.
На масата во Софија немаше претставник на европските институции, па останува дилемата дали Бугарија би прифатила формално европско учество.
Политичкиот аналитичар и поранешен министер Тони Поповски направи разлика меѓу пристапниот процес со Брисел и билатералните односи со Софија.
„Првиот аспект е авенијата кон Брисел, а тоа е поврзано со рамката за преговори која е усвоена од сите 27 држави членки. И имаме билатерална авенија со Софија. Значи, тука има придружни императиви, па дури и договор, да развиваме добрососедски, пријателски односи и соработка“,
рече Поповски.
Тој повика дијалогот што поскоро да добие јасна структура, а јавноста во двете држави да знае што ќе биде на агендата. Воедно, укажа дека зборот „доверба“ се употребува со различно значење во Скопје и Софија.

„Бугарската министерка кога говори за доверба, таа ја опишува како очекување ние да ги исполниме преземените обврски од консензусот во 2022 година. Кога нашиот министер Муцунски го употребува истиот збор, тој го користи во контекст на нашите стравувања и загрижености дека правењето на уставната измена ќе биде проследено со нови, да речам можеби тврдо звучи, уценувања, условувања, па и блокади и вета. Значи има недоверба дека со правењето на уставната измена ќе се превенираат слични состојби“,
посочи Поповски.
Негов предлог е јасно да се разграничи што е европска обврска и кои се отворените билатерални прашања, вклучително и оние за кои двете страни можеби нема да постигнат согласност.
Извршниот директор на „Евротинк“, Димитар Николовски, смета дека приближувањето на различните разбирања за довербата може да биде појдовна точка за нејзино обновување.

„Се согласувам околу различните гледишта за довербата и тука можеби е и некоја основа за градење на таа некоја доверба ако се приближат тие две разбирања за довербата. Мој конкретен предлог е, како што вели Поповски, да има агенда, пред сè на следните средби, но мислам дека тоа што ние можеме да го направиме во однос на ова прашање е да се обидеме да ја поставиме таа агенда“,
рече Николовски.
