Во дебата во „360 степени“, Димитар Николовски во предложените промени од ЕК ги гледа гаранциите што ги бара земјава, Ана Крстиновска посочува и решенија како „консензус минус еден“, а Поповски нагласува дека предлогот на Комисијата не ја менува постојната Преговарачка рамка

Предлогот на Европската комисија за промена на начинот на одлучување во текот на преговорите за членство може да ги намали можностите за блокирање на Македонија во тој процес. Но, дали членките ќе го прифатат квалификуваното мнозинство или ќе се договорат за друго решение, останува отворено прашање, оценија соговорниците во дебата во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Извршниот директор на „Евротинк“, Димитар Николовски, вели дека промената би одговорила на македонското барање за поголема предвидливост.
„Би рекол дека овие промени на некој начин одат во наша полза, затоа што тоа е и една од официјалните позиции на нашата држава, а тоа е предвидливоста на процесот. Исто така, на некој начин јас ова го разбирам како таа гаранција дека нема да бидеме блокирани поради билатерални прашања за време на преговорите“,
рече Николовски.

Тој го толкува предлогот и како признание дека сегашниот начин на одлучување создава проблеми, кои би се зголемиле со приемот на нови членки.
„Ова е некое признание на Европската комисија дека вака работите со едногласноста не функционираат и дека ќе бидат уште потешки кога ќе се зголеми бројот на земји членки. Што, за нас, како жртви на две вета, француско и бугарско, е признание дека работите не одат во правилна насока поради тие билатерални прашања кои ги блокираат процесите“,
посочи тој.
На новинарско прашање како предлогот ќе биде прифатен од членките, особено од оние што имаат непосредни интереси во пристапниот процес, како Хрватска, Бугарија и други, Николовски рече дека очекува преговори и договарање меѓу државите. Не очекува промените да бидат донесени на следниот Европски совет, но не ја исклучува можноста тие да бидат усвоени подоцна.
Претседателката на ЕСТИМА, Ана Крстиновска, потсети дека и за самото менување на правилата е потребна согласност од сите членки. Според неа, можниот исход не мора да се сведе на избор меѓу сегашната едногласност и квалификувано мнозинство.
„Предлогот на Комисијата ќе помине во некаква форма, меѓутоа не сум убедена дека тоа ќе биде квалификувано мнозинство. Ама треба да знаеме дека меѓу едногласност и квалификувано мнозинство има и многу други креативни решенија коишто Европската Унија на некој начин ги има и кодифицирано во различни постапки за одлучување, така што постои варијанта и да биде едногласност или консензус минус еден, или да биде некое мнозинство коешто би било за блокирање на одлуките“,
рече Крстиновска.

Таа очекува разговорите да се водат во поширок контекст, во кој членките ќе ги разгледуваат и другите области каде што им е потребно поефикасно одлучување.
„Затоа што самиот контекст во Европската Унија, како што е во моментов, наметнува некоја поголема флексибилност и поголема брзина во носењето на одлуки. Гледаме каков е случајот со подемот на екстремно десничарските партии, во Франција догодина има избори, така што доколку победи екстремната десница може Франција понатаму да блокира ред други одлуки коишто би биле во интерес на Унијата. Така што, во секој случај, за очекување е дека ќе има некакви мали промени, можеби не тектонски, меѓутоа мали промени во процесот на одлучување во насока на поедноставување и поголема ефикасност“,
оцени таа.
Поранешниот министер Тони Поповски нагласи дека документот на ЕК сам по себе не ја менува Преговарачката рамка за Македонија.
„Сметам дека квалитативно предлогот на Европската комисија можеби не е толку значаен во нашиот специфичен, актуелен случај, бидејќи со овој документ на Европската комисија практично немаме промена на рамката за преговори и другите составни елементи на тој пакет“,
рече Поповски.

Неговото очекување е прво да следуваат поопшти политички заклучоци, а потоа интензивни разговори на Комисијата со членките. Тој проценува дека постепената интеграција може побрзо да добие поддршка, додека за конечна одлука за квалификувано мнозинство е повоздржан, вклучително и за можноста таа да биде донесена во декември.
Како што беше нагласено во дебатата, станува збор за предлог што допрва треба да го одобрат членките. За самиот прием во ЕУ останува потребна нивната едногласна согласност.
