„Со нашиот источен сосед нè поврзуваат соседството, историјата и иднината на овој регион. За минатото можеме да имаме различни толкувања. За иднината мора да имаме заедничка одговорност – да изградиме односи во кои никој нема да мора да го негира другиот за да се потврди себеси. Нашиот јазик не е пречка за европската иднина. Тој е дел од европското културно богатство. Нашиот идентитет не е проблем што треба да се реши, туку достоинство што треба да се почитува“, рече премиерот во своето обраќање на свечената академија во Куманово по повод 11 Октомври
Денес стоиме пред историјата на еден народ кој низ вековите поминал низ премногу искушенија, премногу неправди, премрежија, но никогаш не се откажал од своето право да биде слободен, да биде свој, да има сопствен дом и сопствена држава. Со овие зборови премиерот Христијан Мицкоски го започна своето обраќање на свечената академија по повод 11 Октомрви – Денот на народното востание, која се одржува на Спомен-костурницата во Куманово под слоганот „Идеали што градат иднина“.

„Пред точно 85 години, во темнината на една октомвриска ноќ, се случи нешто што засекогаш го промени текот на македонската историја. Во Прилеп и Куманово започна организираното востание против фашистичкиот окупатор. Востание кое прерасна во голема народноослободителна борба, во која илјадници наши предци ги положија своите животи за слободата што денес ја живееме“,
рече Мицкоски.
Надминувње на поделбите и соочување со слабостите
Тој повика на надминување на поделбите и соочување со сопствените слабости бидејќи, како што рече, државата е поголема приказна од сите кусогледни и лични интереси. Таковината, кажа тој, се брани со принципи, вера и резултати, а не со навреди и договори под маса.
„Државата е ветување кон секој граѓанин дека неговата иднина нема да зависи од нечии лични интереси, туку од неговата работа, неговото знаење и неговите способности. И токму тука лежи нашата најголема одговорност. Да изградиме татковина која нема само да ја слави својата историја. Туку држава која ќе создава нови победи за историја. Историја на економски успех, на институционална правда, на национално достоинство. Историја на развој и напредок“,
рече премиерот.
Во обраќањето тој порача дека е доста од мали амбиции и изгубени можности бидејќи, како што додаде, Македонија предолго се задоволувала со просечност. Затоа, рече Мицкоски, време е да поставиме големи национални цели, да носиме храбри одлуки и да создадеме држава која нема да преживува, туку ќе напредува.
„Не смееме да бидеме заглавени, заробени помеѓу мочуриштето и талогот насобран со децении. Лошата вест е што тие го окупираат просторот внесувајќи лаги, сомнежи, подметнувања, создаваат немир и постапуваат лукаво. Се радуваат на секоја лоша работа, а посакуваат и работат на неуспех. Се продаваат на оние кои немаат добри намери кон државата, за нивни најверни слуги, ортаци во намерата да ја видат државата на колена. Добрата вест е што се прочитана книга и им се гледа крајот. Народот победува. А татковината не само што не паѓа на колена, туку се враќа на народот. Предолго државата живееше во рамките на мали очекувања“,
рече Мицкоски.

Достоинството не е предмет на преговарање
Тој говереше и за економските резулати што ги постигнала Владата што ја предводи, а меѓу темите на кои се осврна беше и отвореното прашање што Македонија го има со Бугарија. Мицкоски, во тој контекст, кажа дека ние не бараме светот да се приспособува на нас, туку да бидеме третирани со иста почит со која ние ги третираме останатите.
„И затоа сакам јасно да кажам: Нема да ја градиме иднината врз омраза. Нема да ги претвораме разликите во непријателства. Нема да дозволиме минатото да биде пречка за соработка. Но нема ниту да се откажеме од сопственото достоинство. Бидејќи вистинското пријателство не бара откажување од себе. Вистинското пријателство се темели на заемна почит. И вистинската европска иднина мора да биде иднина во која државата ќе влезе со исправена глава. Не со чувство на пораз. Туку со чувство на припадност“,
порача тој.
Во тој контекст, посочи дека нашата цел е европската иднина, силни сојузништва и пријателства, но со исправена глава.
„Достоинството не е предмет на преговарање. Македонскиот идентитет, јазик и историја се нашето наследство, нашата гордост и нашата обврска кон идните генерации. Нашата татковина е поголема од секоја партија и секоја влада. Политичките разлики не смеат да бидат посилни од заедничката одговорност“,
кажа премиерот.
На Македонија ѝ е потребно национално единство за големите стратешки прашања
Во таа насока, тој рече дека на Македонија и е потребно национално единство околу големите стратешки прашања и дека пред нас е деценија на големи промени, поради што „не смееме да ја трошиме иднината на оправдувања“. Надоврзувајќи се во истиот контекст, тој рече дека на 11 октомври 1941 година не се одлучувало само како ќе се живее утре, туку дали идните генерации ќе имаат право сами да одлучуваат за својата судбина.
„Со нашиот источен сосед нè поврзуваат соседството, историјата и иднината на овој регион. За минатото можеме да имаме различни толкувања. За иднината мора да имаме заедничка одговорност – да изградиме односи во кои никој нема да мора да го негира другиот за да се потврди себеси. Нашиот јазик не е пречка за европската иднина. Тој е дел од европското културно богатство. Нашиот идентитет не е проблем што треба да се реши, туку достоинство што треба да се почитува. Не бараме Европа да избира меѓу нас и нив. Бараме европските принципи да важат еднакво и за сите. Не сакам генерациите што доаѓаат да ја наследат нашата недоверба. Сакам да ја наследат нашата храброст да ги решаваме проблемите“,
рече Мицкоски.

Време за големи одлуки
Нашите предци, рече тој во обраќањњето, имале храброст да се изборат за држава, а ние мора да имаме мудрост да ја зачуваме, сила да ја развиваме и одговорност да ја предадеме на иднините генеренации посилна отколку што сме ја наследиле.
„Време е за големи одлуки. Време е за големи дела. Време е за нова национална самодоверба. Државата е создадена за да се развива, да напредува, да создава и да победува! Не да победува други народи, туку да ги победи сиромаштијата, корупцијата, неправдата, поделбите и иселувањето. Нашите предци ни ја оставија слободата. Нашите родители ни ја оставија независноста. А ние на нашите деца мора да им оставиме успешна држава! Историјата нема да нè памети по зборовите што сме ги изговориле. Ќе нè памети по делата што сме ги оставиле. И затоа, денес, од ова место, сакам да упатам неколку пораки. Тука сме родени, оваа е земјата за која сме одговорни. Таа е во споменот на оние кои ги положиле своите животи за слободата. Нашите предци го направија она што во нивното време изгледало невозможно. Ја отворија вратата на слободата. Нашата должност е таа врата никогаш да не се затвори и низ неа да поминат генерации кои ќе живеат подобро, послободно и подостоинствено. Затоа нека овој 11 Октомври не биде само ден на сеќавање. Нека биде ден на нова одговорност. Одговорност да ја чуваме слободата. Затоа што слободата не е завршена приказна. Слободата е дело што секоја генерација мора да го продолжи“,
подвлече премиерот Мицкоски во обраќањето.
