Според градоначалникот Димитриевски, кој денеска се сретна со жителите од околните села кои протестираат, трајното решение на проблемот со депонијата „Краста“ треба да се обезбеди преку изградба на претоварна станица и воспоставување регионален систем за преработка и управување со отпадот. Дотогаш, вели, комуналниот отпад мора да се одлага на оваа депонија, бидејќи нема друга локација, на која тоа може законски да се прави
„Нашите ставови се јасни. Не се повлекуваме од блокадата додека не се изгасне опожарената депонија. Сметаме дека е кривично дело да се носи нов смет на опожарена депонија, а потоа повторно да чади кон селото и да се повтори истата ситуација“, вели Стојан Стојковски преставник на жителите на Пчиња и околните места
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, денеска се сретна со жителите селото Пчиња и неколку околни места кои петти ден протестираат кај депонијата „Краста“ и не дозволуваат влез на камионите и депонирање на комуналниот отпад. Причина за блокадата на депонијата се пожарите и постојаното чадење, кои, како што велат, претставуваат опасност по нивното здравје.

Димитриевски рече дека Општина Куманово нема друга локација на својата територија на која може законски да се одлага комуналниот отпад, поради што Општинскиот штаб го поддржал барањето на ЈП „Чистота и зеленило“, која стопанисува со депонијата, упатено до СВР Куманово, за обезбедување непречен проток на камионите што го транспортираат отпадот од градот до депонијата. Тој кажа дека нередовното собирање на сметот може да предизвика дополнителни проблеми за градот и ризици за јавното здравје, пренесе МИА.
„Не можеме, решавајќи еден проблем, да отвориме огромен проблем за целиот град. Ги разбирам граѓаните и нивното право да протестираат, но должен сум да ги повикам институциите да постапуваат, за да може да се обезбеди вршењето на јавната услуга“,
рече Димитриевски.
Тој на средбата пред депонијата ги повика жителите да овозможат влез на возилата на ЈП „Чистота и зеленило“ во деловите од депонијата каде што нема опожарување, додека продолжуваат активностите за гаснење и санација.
Од друга страна, жителите на Пчиња и околните места остануваат на ставот дека блокадата треба да продолжи сè додека не се изгасне пожарот. Стојан Стојковски, претставник на жителите рече дека протестите не се насочени против собирањето на отпадот во Куманово, туку против неговото одлагање на депонија од која повторно се шири чад кон населените места.
„Нашите ставови се јасни. Не се повлекуваме од блокадата додека не се изгасне опожарената депонија. Сметаме дека е кривично дело да се носи нов смет на опожарена депонија, а потоа повторно да чади кон селото и да се повтори истата ситуација. Шест месеци ништо не беше преземено, а по најавата за блокада почнаа да работат. Сега сакаат проблемот да го решат одеднаш“,
изјави Стојковски.
Тој најави дека жителите ќе продолжат со блокадата и во вторник, додавајќи дека локалната и централната власт треба да најдат начин за одлагање на отпадот на друга локација додека не се реши проблемот на „Краста“. Како една од можностите ја посочи депонијата „Дрисла“.

Какви заклучоци донесе Општинскиот штаб за заштита и спасување
Во меѓувреме Општинскиот штаб за заштита и спасување на Куманово денеска одржа состанок на кој беа донесени заклучоци за постапувањето на надлежните за деблокада на депонијата. Од СВР Куманово е побарано да постапи по барањето на ЈП „Чистота и зеленило“ и да овозможи коридор за непречено движење на камионите што го носат отпадот.
Јавното претпријатие треба веднаш да обезбеди континуирано присуство на градежна механизација за третирање на депонираниот отпад со земја. Предвидено е и секојдневно доставување градежен материјал, вклучително земја и несогорлив шут од ископи, што треба да се распоредува над површината на отпадот донесен во текот на денот.
Штабот препорача поставување дополнителни камери за видеонадзор на влезот, излезот и пристапните делови на „Краста“, бидејќи постојните камери не се доволни. Предвидено е и поставување камери за дополнителен мониторинг, засилување на стражарските служби и физичкото обезбедување за да се спречи влез на неовластени лица. Во заклучоците е наведена и потребата од санирање на оштетените делови од заштитната ограда и поставување нова ограда на местата каде што ја нема. Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ е задолжен, во соработка со месното население, да формира мониторинг-група, односно еко-патрола, составена од претставници на месните заедници и невладини организации од Пчиња, Студена Бара, Вак’в и Винце. Групата треба во соработка со претставници на претпријатието да врши неделен мониторинг на состојбата на депонијата.

Според градоначалникот Димитриевски, трајното решение на проблемот со депнијата „Краста“ треба да се обезбеди преку изградба на претоварна станица и воспоставување регионален систем за преработка и управување со отпадот.
Во проектот се вклучени 15 општини од двата региона, а за неговата реализација е формирано регионално јавно претпријатие. Димитриевски рече дека постапката за избор на компанија што треба да ги изведува градежните работи е во напредна фаза и дека документацијата е доставена до Делегацијата на Европската Унија, од каде што се обезбедуваат финансиските средства.
„Единственото трајно решение за оваа депонија е нејзино санирање и затворање, изградба на претоварен центар за отпад на овој простор и изградба на фабрика за преработка на отпад за двата региона, во кои се вклучени 15 општини. Целата постапка ја менаџира Министерството за животна средина и просторно планирање и треба да се провери до каде е“,
рече Димитриевски.
Тој најави дека доколку во следниот период не се најде решение за застојот во реализацијата на регионалниот проект, ќе побара од Советот на Општина Куманово повторно да ја разгледа одлуката за учество на општината. Како што додаде, Општината ги исполнила своите обврски во рамките на проектот, во кој учествува од 2015 година, но реализацијата зависи и од надлежните институции што ја водат постапката.
