Во отвореното писмо, Мрежата за заштита од дискриминација ја повика шефицата на државата да каже дали е запознаена со политичките и вредносните позиции на здружението со чии претставнички остварила средба, како и неговите меѓународни поврзаности, особено во однос на правото на абортус
Од Мрежата посочуваат дека претседателката на „Јас сум жена“, Ана Дукоска, е коосновачка на меѓународната мрежа „Мајки за слобода“, заедно со Рејчел Скот и Кимберли Флечер, основачка и претседателка на американската организација „Мајки за Америка“, која, како што тврдат, отворено се позиционира против правото на абортус
Мрежата за заштита од дискриминација реагира во врска со средбата што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја одржала со претставнички на здружението „Јас сум жена“ на 6 октомври годинава, на која, како што првично соопштија од кабинетот на претседателката, станало збор за женско вмрежување и економско јакнење.

Во отвореното писмо, Мрежата за заштита од дискриминација ја повика шефицата на државата да каже дали е запознаена со политичките и вредносните позиции на здружението со чии претставнички остварила средба, како и неговите меѓународни поврзаности, особено во однос на правото на абортус.
Од Мрежата посочуваат дека претседателката на „Јас сум жена“, Ана Дукоска, е коосновачка на меѓународната мрежа „Мајки за слобода“, заедно со Рејчел Скот и Кимберли Флечер, основачка и претседателка на американската организација „Мајки за Америка“, која, како што тврдат, отворено се позиционира против правото на абортус.
Како дел од оваа мрежа во октомври лани во Охрид била промовирана и иницијативата „Мајки за Македонија“.
Од Мрежата тврдат дека „Мајки за Америка“ се позиционира против правото на абортус, а нејзиното политичко крило учествува во политички процеси и оценува кандидати врз основа на нивните ставови за ова прашање.
„Затоа јавно ја прашуваме претседателката Сиљановска-Давкова: Дали, кога им дава јавен простор и институционален легитимитет на претставничките на ‘Јас сум жена’, е целосно запознаена со нивната улога во основањето на ‘Мајки за слобода’ и со политичките позиции и активностите на ‘Мајки за Америка’? Дали знае дека оваа организација активно лобирала за промени што придонеле кон укинување на федералната заштита на правото на абортус во САД? Дали за институцијата претседател економското јакнење на жената подразбира и нејзино право сама да одлучува за сопственото тело, бременоста и репродуктивното здравје? И конечно: Дали ќе дозволиме правото на абортус, за кое генерации жени пред нас се бореле и кое со децении го сметаме за дел од нашата еманципација, повторно да стане предмет на идеолошко преговарање?“,
велат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Оттаму упатија апел до институциите, компаниите, донаторите, медиумите, професионалните мрежи и граѓанските организации внимателно да ги преиспитаат партнерствата и да проверат со кого се поврзуваат и какви вредности застапуваат мрежите на кои им даваат видливост и легитимитет. Бидејќи, нагласуваат од Мрежата, современите антиродови и движења против човековите права не секогаш доаѓаат со радикална парола, туку преку навидум прифатливи теми – семејство, мајчинство, безбедност на децата, женско лидерство, економско јакнење и иновации.
„Дали ќе дозволиме правото на абортус, за кое генерации жени пред нас се бореле и кое со децении го сметаме за дел од нашата еманципација, повторно да стане предмет на идеолошко преговарање? Ова не е повик некого да замолчиме. Ова е повик сите отворено да кажат за што се залагаат. А јавноста има право да знае. Посебно е проблематично кога ваквите политики се претставуваат како враќање кон ‘традиционалните вредности’“,
се вели во отвореното писмо на Мрежата за заштита од дискриминација.
