„Тоа многу ќе помогне за развојот на туризмот, но и за развојот на бизнисот и поврзаноста меѓу двете држави. Аеродромите во Скопје и Подгорица растат и ова е добар начин да продолжиме да соработуваме и да продолжат да растат двата аеродрома“, рече од Подгорица вицепремиерот и министер за транспорт
Нова директна авиолинија меѓу Скопје и Подгорица и поврзување со пристаништето Бар преку автопатот Скопје – Блаце најави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски по средбите со црногорските официјални претставници во Подгорица.

Николоски денеска е во работна посета на Подгорица, каде што оствари средби со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, вицепремиерот за европски и надворешни работи Филип Ивановиќ и министерот за транспорт Радош Зечевиќ.
На средбите, како што информираат од Министерството за транспорт, се разговарало за соработката меѓу двете земји и за подобрување на транспортното поврзување.
„Веќе почнавме да го градиме автопатот Скопје – Блаце, што значи отворање на Македонија кон трето пристаниште, пристаништето Бар, покрај пристаништето Солун, со кое имаме автопатска и железничка конекција, и пристаништето Драч, каде што во моментот градиме и автопатска и железничка конекција. Со изградбата на автопатот од Скопје до Блаце зборуваме и за поврзување со пристаништето Бар“,
вели Николоски.
Во скоро време, како што најави, се очекува да биде потпишан договор за воспоставување директен лет меѓу Скопје и Подгорица.
„Очекувам во многу кратко време да се потпише договор кој ќе значи директен лет помеѓу Скопје и Подгорица, со што ќе имаме уште еден главен град со кој сме поврзани. Тоа многу ќе помогне за развојот на туризмот, но и за развојот на бизнисот и поврзаноста меѓу двете држави. Аеродромите во Скопје и Подгорица растат и ова е добар начин да продолжиме да соработуваме и да продолжат да растат двата аеродрома“,
кажа министерот.
На средбите е заклучено дека на регионот му се потребни партнерства, регионална поврзаност и економска соработка.
Според Николоски, Македонија е подготвена да биде активен партнер во градењето таков регион.
