Презентирајќи го извештајот на организаторот на настаните по повод прославата на независноста, директорот на „Државна лотарија“, Климовски, нагласи дека документот ги содржи вкупните трошоци во пет различни сегменти од прославата, но не и поединечните договори за хонорари меѓу „Стардаст“ и артистите и меѓу „Стардаст“ и фирмите подизведувачи
Поединечните суми и хонорари се уредени со внатрешни договори помеѓу „Стардаст“ како главен изведувач и самите уметници и нивните матични агенции. Така што „Лотарија“ не може да ја провери нивната точност иако верува во она што е обезбедено и реализирано. Тоа е така бидејќи „Лотарија“ не може да навлезе во тие договори зашто се работи за нивни деловни односи базирани на доверливост и доколку ние тоа го бараме или објавуваме „Државна лотарија“ би ја изложиле на тужби за отштета, вели директорот на „Државна лотарија“, Александар Климовски
Точно еден месец откако беше соопштено дека целокупната прослава на Денот на независноста чинела 340 милиони денари или околу 5,5 милиони евра, владината портпаролка Марија Митева и директорот на „Државна лотарија“, Александар Климовски, денеска го презентираа извештајот приложен од компанијата „Стардаст“ која стои зад промотерската куќа „Авалон“, за средствата што биле потрошени за секој сегмент од прославата.

Речиси 2,1 милиони евра чинеле 67 уметници и артисти што учествуваа на настаните од прославата на независноста. Во оваа сума се вклучени хонорарите на светски познатиот диџеј и продуцент Дејвид Гета, светски реномираниот оперски пејач Хозе Кареас и другите македонски и странски естрадни имиња, кои беа дел од уметничкиот дел од програмата.
Остатокот од 3,4 милиони евра бил потрошен на организација и логистика.
Презентирајќи го извештајот, директорот на „Државна лотарија“, Климовски, нагласи дека документот ги содржи вкупните трошоци во пет различни сегменти од прославата, но не и поединечните договори за хонорари меѓу „Стардаст“ и артистите и меѓу „Стардаст“ и фирмите подизведувачи.
Колку чинела прославата по ставки во бруто-износ
„Првата ставка се хонорари на артисти. Тука износот е отприлика 129 милиони денари. Ова сума ги покрива хонорарите за вкупно 67 уметници кои рамноправно и достоинствено беа вреднувани. Нивните имиња се уредно доставени во извештајот. Ставката два се однесува на хонорари за соработници и хонорарни работници. Износот е од 53,5 милиони денари. Оваа ставка е исплатена кон 21 компанија за комплетна логистика на терен – инженери за звук, светло, обезбедување и сценографија“,
рече Климовски.
Под ставката три е продукцијата, односно потрошените средства за техничката инфраструктура, односно, како што кажа директорот, закуп на специфична аудиовизуелна опрема со светски перформанси, специјални ефекти и сценографии. За ова биле издвоени 96 милиони денари или околу 1,6 милиони денари.
За логистика бил платен износ од 58,5 милиони денари или околу 950 милиони евра, распределени на 36 деловни ставки. Според Климовски, толку изнесувале реалните трошоци за авионски и копнен транспорт на артистите, хотелското сместување, медицинската поддршка, противпожарната безбедност и комуналните такси.
Петтата ставка од извештајот се однесува на брендирање и маркетинг, која изнесува околу 3 милиони денари. Олку пари се потрошени за физичко брендирање на локации на настаните и дигитална промоција за информирање на граѓаните.
„Како што гледате, вкупната реална вредност на овој колосален проект изнесуваше 340 милиони денари. ‘Државна лотарија’ покри точно 300 милиони денари од оваа сума, при што се потврдува она што го кажав и минатиот пат дека самата агенција која што оперираше и го организираше овој настап успеа да обезбеди дополнително кофинансирање за целосната реализација на проектот“,
рече директорот на „Лотарија“.
Климовски: Договорите меѓу „Стардаст“ и артистите се нивна деловна тајна
Сепак, како што наведе тој, „Државна лотарија“ нема право да ги поседува и ги нема поединечните договори за хонорари меѓу „Стардаст“ и артистите и меѓу „Стардаст“ и фирмите подизведувачи. Поради тоа, не може да ја провери нивната веродостојност, но, како што кажа директорот, верува во она што е презентирано во извештајот.
„’Државна лотарија’ во таа смисла има склучено само еден договор, а тоа е со организаторот, односно носителот на проектот, тоа е ‘Стардаст’. Така што, во дел од финансиската примена на средствата ние ги контролирале тоталните суми по петте одделни позиции за да утврдиме дека операторот ја исполнил финансиската рамка на договорот. Повторно ќе кажам, поединечните суми и хонорари се уредени со внатрешни договори помеѓу ‘Стардаст’ како главен изведувач и самите уметници и нивните матични агенции. Така што ‘Лотарија’ не може да ја провери нивната точност иако верува во она што е обезбедено и реализирано. Тоа е така бидејќи ‘Лотарија’ не може да навлезе во тие договори бидејќи се работи за нивни деловни односи базирани на доверливост и доколку ние тоа го бараме или објавуваме ‘Државна лотарија’ би ја изложиле на тужби за отштета“,
рече Климовски.

Според него, за нив како спонзори е клучна наменската примена на средствата за целиот проект, а таа, како што рече, за „Државна лотарија“ е 100 проценти реализирана.
„Она што е важно е дека сите 67 артисти се наведени со име презиме. Тоа се пред сè домашни артисти, од нашава држава, од Македонија и неколку странски артисти коишто имаат огромен габарит и опус зад себе, како што се Дејвид Гета и Хозе Карерас. Значи, овој износ за хонорари од отприлика 129 милиони денари не е сума само за еден концерт, туку зборуваме за 129 милиони денари распределени за 18 масовни концерти низ целата држава на 67 различни уметници, вклучувајќи ги наведените светски мега-ѕвезди кои првпат дојдоа во Македонија, како и десетици наши домашни музичари кои беа соодветно и достоинствено вреднувани. Кога ќе ја поделите оваа рамка на 18 големи настани со светска продукција, сумата ја одразува реалната пазарна вредност за вакви манифестации“,
рече Климовски.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој кажа дека она по годинешната прослава се разликувала од претходните манифестации по повод денот на независноста е што сега имаше „Монолит шоу“, коешто досега не бил донесено.
Надоврзувајќи се на него, владината портпаролка Марија Митева се осврна на настапот на Дејвид Гета велејќи оти е факт дека изминатите десетина години не било приредено шоу од светски размери по повод прославата на независноста.
„Моето мислење е дека никој од нас како Влада, како претставници на институции нема намера никого да потцени, а најмалку граѓаните, но факт е дека 50 000 посетители на Националната арена ‘Тодор Проески’ покажа дека станува збор за исклучителен изведувач од А-класа кој во Скопје за 8 Септември донесе шоу од навистина светски рамки“,
рече таа.

Спонзорството е исплатено по потпишувањето на договорот со „Стардаст“
На прашањето како успеале да ја разгледаат понудата на „Стардаст“ и да ја потпишат во истиот ден кога е стигната, Климовски рече тоа не било проблем бидејќи станувало збор за една понуда која била разгледувана од цел тим.
„Особено кога до вас имате и стручна комисија да ви каже дали ги исполнува или не ги исполнува условите. Се работи за цел тим, не се работи за еден човек овде. Така што, тимот утврдува дека има една понуда, дека се сообразува со барањата утврдени во извадокот нацрт-записник на Владата којшто предвиде насоките од организацискиот одбор и немаше никаков проблем да потврдиме дека со понудата се исполнети сите претходни барања за овој настан“,
рече Климовски.
Директорот на „Државна лотарија“ беше прашан на кој датум компанијата ги има исплатено средствата, односно дали спонзорството е исплатено пред склучувањето на договорот или потоа.
„Првин склучуваме договор, па ги исплаќаме средствата, инаку би го прекршиле целиот легалитет на постапката. Тоа архивски се гледа во самиот договор за спонзорирање, склучен помеѓу ‘Дражавна лотарија’ и ‘Стардаст’. Кога е архивиран, можете да проверите преку банкарската трансакција кога се исплатени средствата. Значи, секогаш прво оди склучување договор, архивирање, па понатаму одат сите исплати“,
рече Климовски.
Настаните по повод независноста предизвикаа внимание во јавноста не само поради тоа што долг период не се знаеше за трошокот за нив, туку и поради начинот на кој државата одлучила дека токму на овој начин треба да се прослави празникот. Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН, преку својот портал „Призма“ неделава, повикувајќи се на извештајот од владината седница на која е донесена одлуката, објави дека, всушност, организациски одбор составен од Владата ги дал конкретните насоки за настаните. „Државна лотарија“ само за десет дена по седницата го склучила договорот со „Стардаст“, а во тој период бил и распишан огласот, разгледана понудата од стотина страници и донесена одлуката.
