Во врска со случајот реагираа и од опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), од каде што бараат оставка од заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени, како и целосна институционална одговорност за случајот
„Одделот презема мерки и активности за целосно утврдување на фактичката состојба и околностите на настанот, како и за утврдување а евентуална одговорност на инволвираните полициски службеници“, се вели во известувањето од МВР
Министерството за внатрешни работи ќе спроведе внатрешна истрага по тврдењата на две млади лица дека биле физички нападнати од полициски службеници при интервенција што се случила во средата (7 октомври) во Скопје.

По објавите во дел од медиумите во врска со настанот, од МВР денеска соопштија министерот за внатрешни работи Панче Тошковски му наложил на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да го испита случајот.
Двете лица, според објавите во медиумите, тврдат дека освен физичкиот напад, полицајците им го оштетиле автомобилот во кој се наоѓале.
„Одделот презема мерки и активности за целосно утврдување на фактичката состојба и околностите на настанот, како и за утврдување на евентуална одговорност на инволвираните полициски службеници“,
се вели во известувањето од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Оттаму додаваат дека по утврдувањето на фактичката состојба ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи, за кои јавноста ќе биде навремено известена.
Во врска со случајот реагираа и од опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), од каде што бараат целосно расчистување на случајот со двете млади лица, на возраст од 21 и 23 години, кои според нивните тврдења биле брутално малтретирани од полицајците.
Повикувајќи се на објавените информации, од партијата велат дека во полицискиот извештај било наведено дека двете лица му го одзеле оружјето на еден од полициските службеници, додека пак според нивните тврдења тоа завршило во автомобилот откако полицајците скршиле еден од прозорците на возилото.
Од партијата објавија и фотографии од двете лица, кај кои можат да се забележат модринки и повреди на главните. Тие, како што наведуваат од ДУИ, тврделе дека полицајците брутално физички ги малтретирале и дополнително им го оштетиле возилото.
Оттаму бараат, како што велат, итна, непристрасна и транспарентна истрага за целосно расчистување на настанот, како и одговорност за секое незаконско постапување на полициските службеници.
Дополнително, интегративците бараат оставка од заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени како и целосна институционална одговорност за случајот.
„Молчењето и отсуството на одговорност не се опција! Правата на граѓаните и нивното достоинство не смеат да бидат прекршени од оние кои имаат должност да ги штитат“,
се вели во реакцијата од ДУИ.
