Според извештаите од Секторот за компјутерски криминал при МВР, анализите не покажале присуство на дигитални траги ниту форензички показатели за неовластено навлегување во системот ниту,пак, докази за снимање и неовластено прибирање класифицирани податоци

Не се утврдени дигитални траги ниту докази за неовластен пристап и прибирање класифицирани податоци од компјутерскиот систем во кабинетот на претседателката на Република Северна Македонија, информираат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). По спроведената предистражна постапка, додаваат оттаму, предметниот јавен обвинител донел резолуција со која оценил дека нема основа за натамошно јавнообвинителско постапување.
Во рамките на постапката, врз основа на наредба од Основниот кривичен суд, била обезбедена компјутерска опрема врз која се извршени информатичко-форензички анализи. Исто така, биле анализирани податоци од мобилни уреди и прибрани известувања од лица запознаени со настанот.
Според извештаите од Секторот за компјутерски криминал при МВР, анализите не покажале присуство на дигитални траги ниту форензички показатели за неовластено навлегување во системот ниту, пак, докази за снимање и неовластено прибирање класифицирани податоци.
При анализите биле констатирани одредени безбедносни и административни слабости во конфигурацијата на системот, кои претставувале потенцијален безбедносен ризик, но не биле пронајдени докази дека тие биле искористени за извршување на пријавените кривични дела.
По оцена на сите прибрани докази, Обвинителството утврдило дека не се исполнети законските обележја за кривичните дела оддавање државна тајна и оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем, ниту за кое било друго кривично дело што се гони по службена должност.
За потсетување, на 20 мај од ОЈО ГОКК соопштија дека кон крајот на минатата година отвориле предистражна постапка по известување од МВР за сомнежи дека од информатичкиот систем во Кабинетот на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, неовластено биле извлекувани содржини, односно податоци.
Сепак, оттаму тогаш наведоа дека иако станува збор за сензитивен и сериозен случај, и по неколку месеци Обвинителството сè уште не ги добило од Министерството за внатрешни работи (МВР) резултатите од бараните вештачења.
Истиот ден од Министерството за внатрешни работи потврдија дека до Секторот за компјутерски криминал од ОЈО ГОКК добиле две наредби во врска со случајот – едната од 12 февруари, а другата од 25 март оваа година, посочувајќи дека станува збор за поголема количина на електронски доказен материјал, за чија анализа е потребен поголем временски период.
Претседателката на државата во неколку наврати при јавни настапи и телевизиско гостување кажа дека нема да ги коментира наводите од постапката, но, спред неа, сугестиите дека станува збор за шпионажа немаат логичен основ бидејќи сите дописи што ги добива од НАТО, од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агенцијата за разузнавање (АР) и од Генералштабот на АРМ биле во печатена форма и дека никој освен неа немал увид во нив.
Сепак, таа потврди дека има суспендирано лице од нејзиниот кабинет, како и дека биле направени проверки и дека било пријавено во Министерството за внатрешни работи.
