Во моментов во земјава има околу 1 200 активни пробациски предмети. Во најголем број станува збор за осудени лица кои наместо затвор, добиле условна казна со заштитен надзор. Тоа подразбира живот на слобода, но со исполнување на низа обврски кои ги одредуваат и следат пробациските службеници во 11 канцеларии низ државата. Само 0,5% од осудениците кои минуваат низ оваа програма го повторуваат делото, велат од Управата за извршување на санкции
Скопскиот кривичен суд предничи со најголем број на такви на пресуди. Претседателката, судијката Даниела Димовска, препознава дека има разлики меѓу судиите колку често посегаат по пробацијата, но додава и дека судијата мора да има оправдани причини и кога носи и кога не носи одредена одлука
„360 степени“ разговараше и со осуденичка која минала низ процесот на пробација, откако била осудена за кражба. Си го вратив животот, ги изгледав децата вели и додава – уште доаѓам да ги посетам и поздравам службениците
Ова не е караула на македонска граница. Ниту, пак, војници на мисија во странство. Ова е Армијата на задача во околината на Скопје – распоредена да го обезбедува Затворот Идризово.
И помага на затворската управа да чува, во моментов, 1 296 осуденици. А, објектот е планиран за стотина помалку – за 1 187. Згора на се, дополнителни 106 лица се водат во бегство, пред се бидејќи не се вратиле од викенд или друга погодност. Уште 130 се на лекување, различни видови на отсуство или работат во фирми. Кога би се вратиле сите, затворот би имал 1467 жители – 25% повеќе од предвиденото.

„За последниве три години, мене бројката ми се зголеми за околу 200 осудени лица. Тоа се 200 плус на листата за јадење, листата за сместување, листата за трошење на струја, на вода. Значи трошокот се зголемува. Цените растат, а буџетот ни се намалува“,
вели Зоран Јовановски, директор на КДП Идризово.
Ќе мора нова амнестија?
Идризово е преполн подолго време. Состојбата ќе беше уште полоша да не беше Законот за амнестија од 2018 година, кога им се намалија казните на осуденици за ограничен број кривични дела, и Законот за амнестија од 2023 година, кога државата го прости извршувањето на казните затвор за оние што не си ги платија ковид-19 казните.

„Убаво би било пак да се даде амнестија за некои одредени кривични дела за да се намали бројката. Меѓутоа, тоа, сепак, е работа на политичарите.
– Дали вие ќе барате такво нешто?
Па, ние имаме намера да образложиме што би значело таа амнестија или помилување во проценти – од 10, 15 или 20 посто. И, ќе ја доставиме до министерот, па понатака нека одлучуваат“,
додава Јовановски.
ОСУДЕНИ ЛИЦА ВО КПУ (СОСТОЈБА НА 7 СЕПТЕМВРИ 2026 ГОДИНА)
| установа | капацитет | Осудени лица | Над капацитет |
| КПД Идризово | 1187 | 1296 | 9% |
| КПД Штип | 139 | 211 | 52% |
| КПУ Прилеп | 108 | 134 | 24% |
Сличен проблем како Идризово имаат и други затвори. Штип е со капацитет за 139, а вдомува 211 осудени лица, односно 52% повеќе. Казнено-поправната установа во Прилеп, на хартија има место за 108, а во него живеат 134 осуденици – што е плус 24% од капацитетот.

Ако се земе предвид капацитетот на сите затвори во земјава и бројот на осудени лица кои издржуваат казна во затвор, има само уште 54 слободни места.
Нова амнестија, краткорочно би ги намалила бројките. Но, што е долгорочно решение?
„Помалку криминал да се прави и што повеќе да се работи на алтернативните мерки, односно казната затвор да се заменува со општокорисна работа или пак работи кои судиите можат да ги дадат пред истекот на казна. Тоа се условните осуди со некоја мерка заштитна“,
вели Зоран Јовановски, директор на КПД Идризово.
Казна на слобода
Оваа жена, чиј идентитет го знаеме но на нејзино барање нема да го откриеме, требала да помине низ затворскиот систем. Во 2019 година била осудена за кражба.
Добила пет години.

„Тешка голгота беше пет години. Знаеш, испреплетен живот. Мада, сега е ок“,
вели нашата соговорничка.
Но, нашата соговорничка не добила затворска казна, туку условна осуда со заштитен надзор, една од таканаречените пробациски мерки.
Тоа значи дека службениците во пробациската канцеларија и направиле план и програма, како што прават за секој осуденик поединечно. Таа била обврзана да го следи и исполни за да не оди во затвор. Пет години редовно се јавувала во канцелариите сместени во Основниот кривичен суд во Скопје. Пет години службениците го следеле нејзиното поведение и ја насочувале во животните одлуки.

„360 степени: Што значеше тоа за вас во практична смисла од 2019-та до 2024-та година?
Соговорничка: Нов почеток на мојот живот. Пробацијата за мене беше водич… во најтешкиот период беше водич за мене, коишто јас ги чувствував како дел од мене. Ми беа помош за да сега што сум ова, да не се вратам на претходните работи. Ми беа… се вработив, ги изгледав децата, ги… ги насочив како што треба, да не се повторуваат на грешките.
360 степени: Имавте ли некои други обврски коишто ви беа дадени во тој период?
Соговорничка: Да, имав обврски да се, нели, да се вработам. Посетував доктор, психијатар, невропсихијатар којшто исто многу ми помогна. Одев редовно на сејансите. Тоа.“
На почетокот на септември, во земјава имало вкупно 1 198 лица кои го одат истиот пат кој го изодела и нашата соговорничка.
Пробацијата расте, но потенцијалот е поголем
Но, бројките покажуваат дека дури 814, односно 7 од 10 активни предмети, се во Скопје. Далеку на второ место е Тетово, со 75 пробациски предмети. А, другите поголеми градови имаат уште помалку, на пример Куманово со 38 и Битола со 28 осуденици на условна казна со заштитен надзор.

Јас и кога дојдов, за жал и сега, имате чувство дека не живееме во под еднакво, во истата држава. Имаме судови каде што имаме стотици условни пресуди, а на една рака, едноцифрена бројка само со заштитен надзор.
вели Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкции.
Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкции, надлежната за пробација, е силен поборник за условни осуди со заштитен надзор.

„И сега, ако е алкохоличар, може да го тестираат дали повторно се вратил на алкохолот. Ако бил, психотропни супстанци ако, ако земал. Ако е за семејно насилство, ја контактираат… Го контактираат семејството, дали повторно е насилен дома. Одат кај него дома, го проверуваат. А не велам дека имаме ние 24/7 увид во тоа осудено лице. Но како, како држава ние гледаме што прави тоа осудено лице и како се однесува во општеството. И има неретко, ако некој не се почитува препораките коишто ги дава пробациската канцеларија, да се даде препорака до судот да биде вратен повторно во затвор“,
изјави Александар Пандов во интервју за „360 степени“.
Условна осуда со или без надзор, не се суди за секое дело. Се изрекува само ако на сторителот му е утврдена казна затвор во траење до две години или парична казна.

„Многу. Многу, многу помалку повратници имаме ако поминува низ, повторно ќе, така да го наречам, тој пробациски дел, отколку ли од оние коишто се чист, чист услов. Тој, тој чист услов, не сакам да судам јас сега, меѓутоа кај мене отвора сомнеж дека за некакви коруптивни дејанија на тој судија којшто дал чист услов. А немаат оправдување дека немаат членови. Имаат членови во, во законот во којшто по овој или по оној основ он може да му даде заштитен надзор, односно да биде под пробација. Да не биде чист услов“,
вели Пандов.
Не може да се суди по тренд
Придобивките од пробацијата и се добро познати и на претседателката на судот со најголем број вакви пресуди, Даниела Димовска од Основниот кривичен суд – Скопје. Смета дека колегите имаат оправдани причини кога избираат да не ја изречат таа санкција.

„Мислам дека станува збор за поголема внимателност бидејќи судиите кога ги определуваат овој тип на мерки внимаваат за ризикот, за слабостите и за сите останати елементи, односно дали постои можност за изрекување на овој вид на на мерка. Со тоа што пробацијата не треба да се избегнува заради страв од истата, меѓутоа па ниту смее да се применува несразмерно затоа што тоа е тренд.
360 степени: Да банализирам, постојат судии или постои страв кај судиите дека можно е луѓето да бегаат тоа им даваат алтернативни мерки и потоа вината се префрла на нив?
Не, мислам дека тој страв е многу помал отколку стравот од јавноста дека осудени и обвинети се шетаат на слобода, мислам дека тоа би бил поголемиот страв на судиите.“
А, еве што вели за перцепцијата на јавноста дека пробацијата е некаква привилегија?

„Токму граѓаните треба да бидат главната поддршка за овој институт бидејќи и самиот институт пробација настанал кога еден чевлар поверувал дека една обична локална пијаница може да биде подобар граѓанин. Затворите не треба да бидат одговор на секој криминал, туку нас ни требаат истите тие да бидат вратени во системот ресоцијализирани. Пробацијата е токму тоа извршување на одредена казна и тоа под одредени принципи, под одредена контрола со која што ресоцијализација, односно враќање во системот е главната цел.“
Системот не е и не може да се очекува да биде совршен. Важно е, додава судијката Димовска, да се сузбијат сите сомнежи, па и можните коруптивни активности.

„Но доколку станува збор за такви за такви гласини, јас упатувам апел не само до осудениците, туку и до нивните членови на семејството, истото да не молчат, да не плаќаат и да го пријават бидејќи судските одлуки не се купуваат. Со една таква одлука ќе се доведе во сомнеж не само одлуката, туку довербата во целата институција. Судот не претставува истражен орган, но апсолутно постојат истражни органи коишто можат да го проверат и затоа да биде и тоа да биде санкционирано доколку постои таков пример.“
Рехабилитација
Пробацијата, во земјава, се применува од 2017-та. Од почеток, до сега, службата постапувала по 4096 предмети. Од нив, отповикани се 90, односно само во 2,25% од случаите на осудениците им е активирана построгата казна.

Да се отслужи досуденото е основната цел на казнениот дел од системот. Но, еднакво важна е и целта на поправниот елемент – осудениците да не се враќаат во општеството како рецидивисти.
Во Идризово, казнетите се зад ѕидовите. Но…

„Моментално, можам да кажам дека многу мал број се ресоцијализираат. Поголемиот број, како дошле, така си заминуваат. Не се доволно ресоцијализирани. Тоа е се поради немање на објекти каде би се ресоцијализирале луѓето и луѓе кои би работеле со нив“,
вели директорот на КПД Идризово, Зоран Јовановски.
Кај пробацијата, канцелариите бројат само 20 повторници, односно 0,5% од вкупниот број на предмети. Така покажуваат и бројките и личното искуство.
360 степени: Каков мислите дека ќе ви беше животниот пат доколу казната, сепак, беше издржување затвор.
Соговорничка: Не. Не. Јас сметам дека ова е подобро затоа што пробацијата те насочува и ти го дава точниот правец на на животот. Значи без нивната поддршка, јас не би била ова сега што сум. Не би… не би знаела каде, што и како. Сепак ми беше… ми бе… ми беа многу потребни.
