Законите за високото образование и за правичната застапеност чекаат Бадентерово мнозинство – власта лобира, а опозициските пратеници ја условуваат поддршката со прифаќање амандмани
Кај законот за пушење, измени бараат пратеници од власта, меѓу нив и посебни пушачки простории – решение на кое министерот за здравство се противи
Неретко јавните настапи се користат за промоција на нови законски решенија. Кога е во прашање пакетот предлог-закони за високо образование и наука, министерката Весна Јаневска го правеше тоа и на серија трибини на кои се соочи со јавните и со приватните универзитети. Предлог измените што Владата ги прати до парламентот, тврдеше таа, ги содржат сите конструктивни забелешки.
Но, законите, никако да се најдат на „пленарка“. За таму да се изгласаат ќе треба Бадентерово мнозинство, кое власта го нема. Лобира министерката. И не само таа.
Јаневска: Со сигурност знам дека голем број од нашите пратеници, исто така лобираат меѓу своите колеги, објаснувајќи го значењето, оти тие се значајни. Вие често ќе ме прашате, немаме универзитет на Шангајската листа, до кога ќе бидеме надвор од други ранг-листи, не само заради тоа, ќе придонесе за унапредување на квалитетот на високото образование, но многу е важно што во еден среднорочен период, ние очекуваме да добиеме подобар квалитет на стручњаци на пазарот на труд.
„360 Степени“: Доколку остане вака, дали тоа значи дека пропаѓа замислената реформа?
Јаневска: Во ниту еден момент нема да се откажам од овие закони и искрено сум оптимист и мислам дека ние сепак на крај ќе ги донесеме.

Пратеникот Сали Мурати од опозицскиот Европски фронт предводен од ДУИ oбвинува дека власта сака на „шверцерски начин“ да го помине пакетот во Собрание. Додава и дека решенијата се непотистички и на штета на младиот кадар кој допрва треба да напредува. Вели дека навлегуваат во автомонијата на универзитетите.
„ Министерството не треба да се меша, имаме десетици членови кадешто тие се мешаат во нивната работа, на Сенатот, на универзитетското раководење, и тие ќе бидат продолжена рака на министерството за образование. Нема, не прифаќа никој. Ќе имаме многу, над 30 амандмани, ако продолжат вака. Нека повелат, ќе се соочиме, ќе имаме јавна расправа за оваа работа, нека јавноста слуша“,
вели Мурати.

Јаневска, не е единствениот министер кој е во исчекување на епилог за предложени закони. И шефот на ресорот здравство Сашо Клековски изминатиов месец соопшти дека во парламентот е заглавен предлог-законот за пушење. Тој предвидува забрана за пушење во затворени простории, фирми и јавни институции, додека терасите ќе мора да бидат отворени најмалку од две страни. Клековски откри дека имало предлози за воведување т.н. „соби за пушење“ во рамки на објектите, за што лично се противи.
„Во одредени земји има пушачки соби, но тие се со такви техничко-технолошки решенија, да кажам со негативен притисок што ние не успеваме во нашите оперативни сали да го постигнеме, а камоли да се постигне во ресторан или друг простор. Сметам дека имавме продуктивен дијалог со угостителската комора, со другите чинители и штом ја имаме поддршката од нивна страна, сметаме дека ова е оптимално решение, треба да искомуницираме со Собранието да помине низ три комисии и да биде ставена на пленарна седница за усвојување“,
кажа Клековски во изјава за медиумите на 27 септември годинава.
Амандмани, вкупно 8, поднеле пратеници од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Со нив се предлага цигарите во малопродажните објекти да се изложуваат, но подалеку од дофат на потрошувачите, а запознавање на потрошувачот со производот на самото место да не се смета за рекламирање. Се бара прецизирање што се јавни простории, но и простории во рамки на објекти каде вработените ќе може да пушат, за да не се наруши уставното право на слободен избор. Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, вели дека власта на ретерира, туку е внимателна околу рестрикциите.
Стојаноски: Се чека дополнително експертско-правно мислење за толкувањата на нивните амандмани. Најголем дел од оние коишто треба да одлучат во комисиските филтри во Собранието, односно пратениците коишто се дел од Комисијата за здравство се медицински, здравствени работници коишто немаат особено истакната експертиза во правото, бараат дополнително мислење. Веднаш штом тие мислења ќе ги собереме, ќе продолжиме секако со дискусијата за овој закон.
„360 Степени“: Треба ли да има посебни соби за пушење?
Стојаноски: Па, треба да се најде компромис којшто сите страни коишто се засегнати ќе бидат задоволени. Зашто да не се размислува и во таа насока? Јас лично сметам дека идејата за напредок во законското решение е добра и ќе ја подржам како таква бидејќи навистина треба дополнителна регулација. Но, секако, ако видиме некој дека дополнително изразува одредено размислување коешто може да го подобри законскиот текст, зошто да не го вметнеме и тоа?
„360 Степени“: А може ли ова да се толкува како притисок врз власта од страна на засегнатите од законското решение?
Стојаноски: Па, не би рекол така, туку би рекол како ете почитување на уставните права за секој пратеник за коишто би сакал во иднина да бидат сѐ почести. Така да, ние сме тука да претставуваме размислувања на различен дел од контингентот на нашите гласачи, така да вредно е да се седне, да се разговара со овие луѓе, па и да се постигне компромис.

Но, пратеничката Саранда Имери од владејачката Влен потсетува дека законот е дел од Реформската агенда и со европско знаменце.
Имери: Законот треба да се усогласи со европските стандарди и закони и затоа ова треба да помине како што е.
„360 Степени“: Вие сте „за“ да се олеснува законот, кога веќе е предложен во една верзија?
Имери: Видете, каде и да одиме, и во Европа и во целиот свет има посебни простории кадешто се пуши, но целта е да не се загрозува здравјето на тие што не пушат. Јас лично, не ми пречи, може и да има олеснување во оваа насока, но треба да биде во склоп на незагрозувањето на другите поединци што не пушат.
И додека овие два закона се во позадина, дискусијата за Законот за правична застапеност е постојано на отворена сцена. Со иста жештина како за другите, пратеникот Сали Мурати аргументира против ова решение, со кое би требало да се пополни правниот вакуум по укинувањето на Балансерот – алатка која служеше за вработување во јавниот сектор по етнички клуч.
„Година дена, еве од укинувањето на Балансерот, јас прашувам како правник: кој ја сноси одговорноста на неприменување на правична и соодветна застапеност? Гарантирам, имам и аргументирани тука анализи и одговори, дека правичната и соодветна застапеност во подемократска Македонија по 30 години, најслабата примена е токму сега. Втората грешка е Владата кога изготвува, да кажеме, еден предлог-закон со многу тесен круг луѓе, тоа беше како тајна на државата, го испраќа до Венецијанска комисија без ние пратениците да го имаме, треба со нас, Владата е наш орган! Од нас е избрана Владата, не е над нас! Верувајте дека прво дознаваат европејците и стручњаците во Венецијанска комисија за законот, отколку ние пратениците. Па тоа е неприфатливо нешто“,
вели Мурати.

Мурати тврди дека и препораките на Венецијанската комисија не се целосно имплементирани, како и дека законот мора да предвиди буџет, санкции, систем за верификација на етничка припадност и мерливи квоти. Без тоа, вели Мурати, помалите етнички заедници тешко ќе дојдат до вработување – иако ги штити Уставот.
„360 Степени“: Вие како граѓанин кога барате некоја услуга, важно ви е да добиете квалитетна услуга или важно ви е давателот на услуга од која етничка заедница доаѓа?
Мурати: Не, важно е квалитетната услуга, но ако нема основ, во Уставот зошто е вметната правична застапеност? Контра прашање е кога ние ќе бидеме интегрирани? Ова доведува до дезинтеграција и асимилација на помалку бројните етнички заедници.
За ова законско решение, власта најмалку смета на гласовите од коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ.
Стојаноски: ДУИ тука гледа еден момент каде што смета дека политички ќе има одредена добивка, јас не мислам дека е така. Ова е чисто водење инает, но ете, преговараме и со други пратеници. На крајот, јас сметам дека овој закон би требало и дека ќе биде донесен.
„360 Степени“: Со кого?
Стојаноски: Па, со сите оние коишто се заинтересирани да им помогнат на оние коишто прво и ги гласаат. Заради тоа што, знаете како, едно е вие да велите дека се борите за вашата етничка заедница, колку и тоа да е можеби поминато политички да се кажува во 21 век, а друго е да сакате директно и очигледно да ги оштетите. На крајот, секој еден од нас настапува со кредибилитет.
За овој закон, потребен е мал Бадентер, односно поддршка од мнозинството присутни пратеници и истовремено мнозинство од присутните пратеници што припаѓаат на немнозинските заедници.
„Власта има мал Бадентер, може да се помине, но ние не сакаме на таа атмосфера да помине тој закон, зашто е добар и се донесува после 22 години“,
вели пратеничката Саранда Имери.

Но, ако во пленарната сала се присутни сите пратеници од немнозинските заедници, потребата од мал Бадентер де факто станува потреба од голем Бадентер. Затоа се бараат потенцијални гласачи од помалкубројните заедници, меѓу другите народни избраници. Дека има обид за „лов на гласови“, потврдува и пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи. Но, и тој не дава бланко-поддршка.
Битиќи: Ако некој од амандманите би се прифатил би размислувал за да го поддржам истиот закон затоа што верувам дека навистина би го подобриле законското решение како како такво. Неофицијално при разговорите ми беше предочено дека се спремни да прифатат дел од амандманите, но се плашат дека после ќе ја отворат целата дискусија дека на пленарна во второ читање ќе се блокира од ДУИ. Јас реков, видете, секако законот е блокиран, дали имате повеќе противници или еден помалце тоа е ваш ваш проблем. И сметам дека вакво решение не би требало да добие поддршка.
„360 Степени“: Ова сега актуелното без промени?
Битиќи: Апсолутно не, затоа што навистина не дава никакво квалитативно придвижување кон правична застапеност во државата.

За ниту еден од предлог-законите нема утврден термин кога би се нашол на пленарна седница, но власта уверува дека секое решение кое го предложила, ќе најде начин до крај и да го „истурка“. Како и со кого – би станало јасно откако ќе се стиснат собраниските копчиња. Ако дојде до тоа.
