Вкупната вредност на набавката, обезбедена од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) за потребите на МВР, изнесува 16 845 561 денари и треба да придонесе за поголема мобилност, поефикасно регулирање на сообраќајот и подобри услови за работа на полициските службеници
Сообраќајната полиција добива 33 нови полициски мотоцикли од марката „Piaggio Beverly 310 HPE“ и комплетна заштитна опрема – кациги, јакни, панталони, чизми и летни и зимски ракавици.

Вкупната вредност на набавката, обезбедена од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) за потребите на МВР, изнесува 16 845 561 денари и треба да придонесе за поголема мобилност, поефикасно регулирање на сообраќајот и подобри услови за работа на полициските службеници.
„Денеска не зборуваме само за 33 нови мотоцикли и опрема, туку за дополнително зајакнување на капацитетите на сообраќајната полиција и за уште еден чекор кон побезбедни патишта. Ова е пример како треба да функционира меѓуинституционалната соработка – со конкретни проекти и резултати што граѓаните ќе ги почувствуваат. Заедно со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата продолжуваме да вложуваме во опрема, технологии и превенција, затоа што безбедноста на секој учесник во сообраќајот е наша заедничка одговорност“,
изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Министерот посочи дека модернизацијата на сообраќајната полиција е дел од поширокиот пристап на МВР за унапредување на сообраќајната безбедност, во кој значајно место има и системот „Безбеден град“.
„Ако со сите овие мерки, со новата опрема, со ‘Безбеден град’ и со нашата секојдневна работа успееме да спасиме макар и еден човечки живот, тогаш секој вложен денар и секој вложен напор вределе. Тоа е суштината на нашата работа и најголемата мотивација да продолжиме“,
додава Тошковски.
Претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски, порача дека набавката на новата опрема е во рамките на редовните активности за модернизација, со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.
