Тој рече дека не сака да говори во врска со подобрувањата за разни групи пациенти велејќи дека Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) веќе дал објаснување какви олеснувања ќе има за да не се стекне впечаток дека само се зголемуваат контролите

Согласноста за измените и дополнувањата на правилникот за боледувањата набргу ќе бидат објавени во „Службен весник“ и со тоа ќе стапат во сила, кажа денеска министерот за здравство Сашо Клековски и информира дека тој веќе ја има потпишано.
Тој рече дека не сака да говори во врска со подобрувањата за разни групи пациенти велејќи дека Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) веќе дал објаснување какви олеснувања ќе има за да не се стекне впечаток дека само се зголемуваат контролите.
Клековски неодамна рече дека сите измени на правилникот за боледувањата, кои се планирани, се правени врз основа на компаративни анализи бидејќи имало многубројни злоупотреби на боледувањата и целта била тие да се спречат.
Истакна дека не смета оти намалувањето на периодот за кој матичен лекар може да отвори боледување од седум на пет дена е казна за граѓаните оти, вели, има инфлација на боледувања, на такви што се издаваат на телефон. Според него, пет дена за такво боледување е сосема доволно.
Од ФЗОМ вчера информираа дека Управниот одбор ги усвоил измените на Правилникот за утврдување привремена спреченост за работа. Од Фондот нагласуваат дека со овие измени не се скратува правото на боледување ниту се ограничува неговото времетраење кога постои медицинска потреба.
Од ФЗОМ велат дека матичниот лекар и понатаму може да одобрува боледување до 15 дена, додека за подолг период одлучува лекарската комисија. Од ФЗОМ појаснуваат дека промената од седум на пет дена не значи прекин на боледувањето на петтиот ден, туку претставува контролен период по кој се применуваат соодветни медицински критериуми за конкретната дијагноза.
Со новите решенија, кои се резултат на ревизија на критериумите што датирале уште од 2012 година, се воведуваат повеќе олеснувања за пациентите.
