„Нашите пораки се јасни – дека само со дијалог може да дојдеме до решение од оваа состојба во која во моментов се наоѓаме, дека ние сме за добрососедски односи и дека сакаме што побрзо да ја реализираме нашата стратешка цел, а тоа е членството во ЕУ“, рече премиерот во пресрет на утрешната средба на министерот Тимчо Муцунски со својата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова
Бугарија вчера официјално ја потврдила билатерална средба помеѓу министрите за надворешни работи на двете земји, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова, што треба да се одржи утре во Софија на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, додавајќи дека сè уште не е утврден форматот на најавената средба.

„Во текот на вчерашниот ден добивме официјална потврда за билатерална средба, а форматот и начинот, како што стои во дипломатската нота, дополнително ќе бидат договорени. Така што утре ќе има билатерална средба, но ќе видиме во кој формат и како ќе изгледа таа средба, да видиме како тоа ќе го организира домаќинот“,
изјави премиерот одговарајќи на новинарски прашања.
Пораките што земјава ќе ги испрати на утрешната средба, рече премиерот, се јасни.
„Дека само со дијалог може да дојдеме до решение од оваа состојба во која во моментов се наоѓаме, дека ние сме за добрососедски односи и дека сакаме што побрзо да ја реализираме нашата стратешка цел, а тоа е членството во Европската Унија – нешто што многу одамна го имаме заслужено“,
рече Мицкоски.
Премиерот до вчера немаше големи очекувања за најавената средба меѓу Муцунски и Петрова-Чамова.
Претходно на денешната прес-конференција, Мицкоски се осврна и на најавата на Европската комисија за укинување на ветото за билатерални прашања, оценувајќи дека ЕУ очигледно ја препознала злоупотребата на дел од земјите членки по однос на ова прашање.
