Според владејачката партија, доколку лидерот на СДСМ има докази, нив треба да ги достави до Јавното обвинителство бидејќи, како што додаваат оттаму, кога се зборува за скандал од 37 милиони евра, не станува збор за внатрепартиска кавга, туку за јавен интерес и одговорност пред граѓаните
На прашањето дали верува дека неговата сопартијка Петровска го изиграла законот, Филипче во синоќешното гостување во емисијата „Директно“ на телевизијата Телма повтори дека го цитирал министерот Мисајловски, додавајќи оти тоа отвора сомнеж дека можеби Петровска се штити од нешто
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ бара од Јавното обвинителство да го повика на информативен разговор лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, во врска со обвинувања за наводен скандал тежок 37 милиони евра, поврзан со периодот кога неговата сопартијка Славјанка Петровска беше министерка за одбрана.

Од владејачката партија, како и претходно, и денеска го повикаа Филипче да не молчи и доколку навистина се залага за европски вредности и за борба против корупцијата, да каже од кога знаел и зошто за овие наводи не зборувал порано.
„Ако располагал со вакви информации, зошто не ги доставил до надлежните институции? Дали станува збор за сознанија што ги имал и претходно, или за тема ги отвори дури откако започна политички судир со Петровска?“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека наводите на Филипче не смеат да останат на ниво на меѓусебни обвинувања меѓу него и членовите на платформата „Разговори за иднината 12:05“, во конкрентиот случај со Петровска. Според владејачката партија, доколку лидерот на СДСМ има докази, нив треба да ги достави до Јавното обвинителство бидејќи, како што додаваат оттаму, кога се зборува за скандал од 37 милиони евра, не станува збор за внатрепартиска кавга, туку за јавен интерес и одговорност пред граѓаните.
„Филипче треба да знае дека непријавување кривично дело или сторител е казниво согласно член 364 од Кривичниот законик (КЗ) и за тој што свесно ќе пропушти да пријави кривично дело“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Надоврзувајќи се на овие укажувања, од владејачката партија велат дека со оглед на тоа што лидерот на СДСМ јавно говорел за наводно сторено кривично дело од ексминистерката за одбрана Славјанка Петровска, го повикуваат Јавното обвинителство да го повика Филипче на информативен разговор и да ги обелодени сите информации што ги има, а се поврзани со овој случај.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги изнесе наводите дека неговата сопартијка Славјанка Петровска како тогашна министерка за одбрана потпишала за 37 милиони евра поскап договор за набавка на хеликоптери, откако таа се приклучи на платформата „Разговори за иднината 12:05“, чии членови бараат структурни реформи во СДСМ.
На оваа тема Филипче говореше и во синоќешното гостување во емисијата „Директно“ на телевизијата Телма, каде што рече дека поранешните и актуелни функционери на партијата почнале со напади врз сегашното раковдство на СДСМ откако опозицинерите почнале со откривање скандали поврзани со власта.
Навраќајќи се на неговата изјава од минатата недела, Филипче рече дека го цитирал актуелниот министер за одбрана Владо Мисајловски, кој кажал дека откако комисијата за набавка на хеликоптери во Министерството за одбрана донела одлука и избрала поевтина понуда, Славјанка Петровска како тогашна министерка потпишала за 37 милиони евра поскап договор.

На прашањето дали верува дека неговата сопартијка Петровска го изграла законот, Филипче повтори дека го цитирал министерот Мисајловски, додавајќи оти тоа отвора сомнеж дека можеби Петровска се штити од нешто.
„Нема јас што да верувам или да не верувам, јас го цитирам министерот Мисајловски. Зарем тоа за вас не е доволен сомнеж дека можеби таа се штити од нешто“,
рече Филипче одговарајќи на прашањето.
