Вакцинацијата ќе продолжи откако ќе се добијат комплетни информации во однос на сериите, нивниот квалитет и асоцираноста со појава на несакани реакции

Имунизацијата со бесеже привремено се одложува со одлука на Комисијата за имунизација при Министерството за здравство (МЗ). Одлуката е донесена како превентивна мерка по информациите во хрватските медиуми за појава на несакани реакции од оваа вакцина, бидејќи станува збор за ист производител.
Од Министерството информираат дека веднаш е стапено во контакт со Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и се побарани информации за сериите вакцини што се користат во нашата држава. Вакцинацијата ќе продолжи откако ќе се добијат комплетни информации во однос на сериите, нивниот квалитет и асоцираноста со појава на несакани реакции.
Од МЗ потсетуваат дека оваа вакцина е задолжителна, бидејќи земјава се смета за подрачје со висок ризик од туберкулоза. Во моментов, на Институтот за ТБЦ се лекуваат 95 пациенти, од кои 83 се регистрирани годинава, додека во Детската болница во Козле во 2025 година биле евидентирани 15 случаи, а во 2026 година 12 нови случаи.
Од Министерството за здравство потенцираат дека во изминатите десет години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж на несакана реакција во август 2022 година, која се однесувала на апсцес на местото на апликација, што е опишана реакција во упатството на вакцината.
