Демонстрантите се обиделе да ги спречат пратениците во парламентот на Косово да ја напуштат заградата додека не ги изгласаат измените на законот за Специјалниот суд
Косовската полиција доцна вечерва објави дека шест полицајци биле повредени во нередите, додека 11 граѓани побарале медицинска помош за време на протестот пред парламентот. Во соопштението се наведува дека тројца демонстранти се приведени во полициската станица и дека против нив ќе бидат преземени понатамошни мерки во координација со судските органи
Протестот што денеска се одржа пред зградата на парламентот на Косово ескалираше во судир меѓу полицијата и демонстрантите, откако тие се обидоа да го блокираат објектот и да не им дозволат на пратениците да излезат додека не ги изгласаат измените на законот за Специјалниот суд.

Демонстрантите, како што пренесоа регионалните медиуми, во еден момент почнале да фрлаат пиротехнички средства кон зградата на парламентот и да палат контејнери, на што полицијата возвратила со солзавец со цел да ја потисне толпата и да ја смири ситуацијата.
Претходно, парламентот ги усвои измените во прво читање, но конечното гласање е сè уште под знак прашалник. Според објавите на медиумите, на вечерашната средба меѓу премиерот Албин Курти и лидерот на најголемата опозициска партија, Демократската партија на Косово (ДПК), Бедри Хамза, не бил постигнат договор за продолжување на постапката и преминување на гласање во второ читање.
Од ДПК изјавиле дека Курти го условил гласањето за амандманите на законот во второ читање со претходно гласање за избор на претседател на Косово.
Пратениците од партијата на Курти, Самоопределување, како што пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, биле видени како си заминуваат околу 19 часот, додека Демократската партија на Косово ги повикала да се вратат во парламентот.
Иницијативата на Демократската партија на Косово за измена на законот за Специјалниот суд во Хаг, меѓу другото предвидува, максимална казна од 15 години затвор, можност за жалба до Врховниот суд и издржување на казната во Косово.
Косовската полиција во интервенцијата пред парламентот успеала да ги отстрани демонстрантите од плоштадот „Скендербег“, кој е најблиску до зградата, објави Радио Слободна Европа.
За време на обидот на полицијата да ги растера демонстрантите што е можно подалеку од зградата на Парламентот, демонстрантите фрлале стаклени шишиња и пиротехнички средства кон полицијата.
Полициските службеници за контрола на масовни немири формирале кордон на еден од плоштадите во Приштина продолжувајќи да ги потиснуваат демонстрантите подалеку од зградите на владата и на парламентот на Косово.
Косовската полиција вчерва објави дека употребила солзавец за да им овозможи на пратениците и на други функционери да ја напуштат заградата на парламентот, откако група демонстранти го блокираа објектот не дозволувајќи им да излезат.
Според соопштението, демонстрантите фрлале предмети и пиротехнички средства кон зградите на институциите, принудувајќи некои од пратениците да се повлечат кон зградата на парламентот.
Полицијата извести за материјалната штета предизвикана од фрлањето пиротехнички средства и палењето контејнери за ѓубре на улиците.
Косовската полиција доцна вечерва објави дека шест полицајци биле повредени во нередите, додека 11 граѓани побарале медицинска помош за време на протестот пред парламентот.
Во соопштението се наведува дека тројца демонстранти се приведени во полициската станица и дека против нив ќе бидат преземени понатамошни мерки во координација со судските органи.
Според соопштението, протестот продолжил мирно во доцните часови вечерва на плоштадот пред парламентот, каде дел од демонстрантите се вратиле заедно со пратеници од дел од опозициските партии. Пред зградата полициските сили повторно формирале кордон за да спречат евентуална нова ескалација.
