Од вкупниот број поднесени кривични пријави (1 135), 88 се за кривични дела од областа на насилниот криминал, а 1 047 за дела поврзани со недозволена трговија со дрога
Вкупно 5 628 лица се приведени од септември 2024 година досега во рамките на акцијата „Чистач“, насочена кон откривање и сузбивање на насилниот криминал, недозволената трговија со дрога и прекуграничниот криминал – објави денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според МВР, во рамките на акцијата досега се проверени и идентификувани 74 229 лица, извршени се 158 955 прегледи на лица, превозни средства и багаж, а полицијата извршила и 1 158 претреси на домови и други простории. Од вкупниот број поднесени кривични пријави (1 135), 88 се за кривични дела од областа на насилниот криминал, а 1 047 за кривични дела поврзани со недозволена трговија со дрога.
За сторителите на кривичните дела се определени мерки притвор, а во дел од случаите и затворски казни.
„Во текот на реализацијата на акцијата запленети се значителни количини различни видови наркотични дроги, меѓу кои марихуана, кокаин, амфетамин, хероин, хашиш и таблети МДМА, како и оружје, парични средства, повеќе патнички моторни возила и мобилни телефони. Спречени се и повеќе меѓународни канали за недозволена трговија со наркотични дроги, особено на граничните премини ‘Табановце’, ‘Деве Баир’ и ‘Стар Дојран’“,
велат од МВР.
Од Министерството велат дека и во следниот период продолжуваат засилените контроли со фокус на насилниот криминал, недозволената трговија со дрога и прекуграничниот криминал.
