Контролите кај откупувачите ќе продолжат и во следниот период со цел целосна заштита на правата и интересите на домашните земјоделски производители

Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) од почетокот на годината до 15 септември спроведе 873 вонредни инспекциски надзори кај регистрирани откупувачи на земјоделски производи, при што се изречени 30 инспекциски мерки и се издадени 17 платни налози, соопштија денеска на заедничка прес-конференција директорот на Инспекторатот, Ивица Ангеловски, и министерот за земјоделство Борче Серафимовски.
Како што појасни Ангеловски, за констатираните неправилности биле донесени решенија во форма на забрани, опомени, наредби и задолженија. Од издадените 17 платни налози, три се веќе наплатени, додека за преостанатите се водат соодветни прекршочни постапки пред Комисијата во Министерството.
Како најчесто утврдени неправилности при инспекциските надзори Ангеловски ги наведе вршењето откуп без склучени договори со производителите, неисплатените обврски за откупените земјоделски производи, непочитувањето на роковите за исплата, неистакнување ценовници за откуп, непоседувањето верификувани мерни инструменти и вршењето откуп без упис во Регистарот на откупувачи.
Покрај теренските контроли, Ангеловски нагласи дека Инспекторатот е активно вклучен и во процесот на сертификација за извоз и реекспорт преку издавање фитосанитарни сертификати, кои ја гарантираат здравствената исправност на производите на странските пазари.
Контролите кај откупувачите ќе продолжат и во следниот период со цел целосна заштита на правата и интересите на домашните земјоделски производители.
