Според нив, секој работник при засновањето работен однос, преку договорот за вработување, би избирал дополнителни два неработни дена од групата празници кои не важат за сите граѓани. Со тоа, заедно со 11-те празници кои се неработни за целата држава, вкупниот број неработни денови по лице би изнесувал 13

Стопанската комора на Македонија наскоро до Министерството за економија и труд ќе достави предлог-измени на Законот за празниците. Со нив се предвидува бројот на неработни денови индиректно да се сведе на 13, а празниците што се паѓаат во недела веќе да не се префрлаат во понеделник.
На денешната прес-конференција, проектниот менаџер во Комората, Анета Димовска, појасни дека предлогот не предвидува целосно бришење конкретни празници, туку ревидирање на правото на нивно користење со цел надминување на системската нерамноправност меѓу граѓаните од различни етнички и верски заедници.
„Ако одиме по таа логика, припадниците на српската заедница или влашката заедница, доколку се православни, имаат најголем број на неработни денови – 11 за сите, пет кои се однесуваат на припадници на православна вероисповед и дополнителни денови кои се однесуваат на конкретната етничка заедница. За сметка, да речеме, на припадник на исламска вероисповед, којшто има помалку денови кои му се предвидени за прослава по однос на ваквите религиски празници“,
рече Димовска.
Според нив, секој работник при засновањето работен однос, преку договорот за вработување, би избирал дополнителни два неработни дена од групата празници кои не важат за сите граѓани. Со тоа, заедно со 11-те празници кои се неработни за целата држава, вкупниот број неработни денови по лице би изнесувал 13.
Второто барање на Комората е да се прекине практиката празниците што се паѓаат за викенд да се префрлаат во следниот работен ден.
Димовска посочи дека сегашниот систем создава сериозни организациски и финансиски потешкотии за работодавачите и негативно влијае врз продуктивноста. Според анализата на Комората за 36 европски економии, во 70 отсто од нив бројот на неработни денови се движи меѓу 11 и 14, додека во Македонија, со петте празници за православните верници, тој број достигнува 16 дена, што ја става земјата меѓу водечките во Европа.
Дополнително, од Комората истакнуваат дека честите продолжени викенди поттикнуваат патувања во странство и предизвикуваат одлив на домашната потрошувачка надвор од земјата.
