„Зошто ние да му бидеме алиби на Христијан Мицкоски?“ – прашува лидерот на СДСМ, Венко Филипче, откако премиерот денеска рече дека здружената опозиција СДСМ-Левица-ДУИ може да поднесе иницијатива за предвремени избори доколку смета дека тоа е потребно, а оти Владата ќе одговори соодветно на таквото барање
Мицкоски да не бара алиби за распишување предвремени парламентарни избори бидејќи власта има двотретинско мнозинство во парламентот и може да ги распише кога сака. Ова денеска го изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, откако премиерот рече дека здружената опозиција СДСМ-Левица-ДУИ може да поднесе иницијатива за предвремени избори доколку смета дека тоа е потребно, а Владата ќе одговори соодветно.

„Прво, ние не сме здружена опозиција со ДУИ и со Левица, така како што сака Христијан тоа да го прикаже. Единствената вистинска опозиција во државата е СДСМ. Зошто ние да му бидеме алиби на Христијан Мицкоски? Зошто треба некој да му даде алиби за избори? Изборите доаѓаат по одреден временски период во кој политичката структура што е на власт треба нешто да испорача. Што да испорача? Тоа што го ветила“,
рече Филипче одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Тој во оваа смисла ја обвини власта оти ништо што ветила – не исполнила.
„Видете ја програмата – цела книга од 1 198 страници, ни три отсто од тоа не е исполнето. И кој му е крив сега на Христијан што се посвети само на партиски тендери и на зграбување на богатство, а државата ја остави на слеп колосек за Европа и граѓаните да патат? Кој му е крив? Никој. Сам си го избрал тој пат“,
вели тој.
Избори, обвинува лидерот на СДСМ, ќе има кога ќе снема пари за партиските тендери.
Во однос на Изборниот законик, Филипче рече дека СДСМ ќе ги поддржи измените согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но оти нема да ги поддржи измените што предвидуваат поинаков начин на гласање на дијаспората, особено електронски или по пошта, како и воведување поинаков начин на заокружување на избирачкото ливче, освен со бројот пред името на кандидатот.
