По протекувањето на податоците, администрацијата објави дека спровела мерки за спречување слични инциденти

Централен регистар со список на луѓе и нивните адреси во Данска е хакиран, овозможувајќи пристап до податоците на 8,8 милиони луѓе, објави денеска данското Министерство за дигитализација.
„Националниот орган за регистрација (CPR) утврди дека неовластени лица добиле нелегален пристап до имињата, адресите и броевите што се еквивалентни на оние на социјално осигурување на приближно 8,8 милиони регистрирани лица“,
се вели во соопштението.
На компанијата ѝ е оневозможен пристапот до системот додека полицијата го истражува случајот, а надлежните велат дека е прерано да се утврди кој стои зад инцидентот.
Нарушувањето се случило откако неидентификувани лица ја злоупотребиле легитимната можност на една приватна данска компанија за пребарување во Централниот регистар на лица. Надлежните служби првпат забележале неправилни активности на 2 октомври, а во текот на викендот утврдиле дека во текот на септември биле вршени неовластени пребарувања.
„Ова е исклучително сериозен инцидент. Заедно со сите надлежни органи, сме во процес на мапирање на целосниот обем на инцидентот“,
изјави министерката Кристина Егелунд во соопштение за медиумите.
По протекувањето на податоците, администрацијата објави дека спровела мерки за спречување слични инциденти.
Иако Данска има население од околу 6 милиони луѓе, регистарот содржи податоци за приближно 11 милиони лица. Покрај луѓето што моментално живеат и престојуваат во Данска, тој содржи информации за оние што починале и за луѓе кои ја напуштиле земјата. Лицата со заштитена адреса и име не се засегнати од протекувањето на податоците, се додава во него.
