Тој информира дека веќе остварил повеќе средби со оризопроизводителите и со претставниците на откупно-преработувачките центри, вклучително и неодамнешната средба во Општина Чешиново-Облешево

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство сериозно е засегнато за решавање на проблемите во делот на пласманот, производството и цената на оризот, порача ресорниот министер Борче Серафимовски, кој денеска во селото Горни Подлог присуствуваше на традиционалното зажетнување со срп на 35. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.
„Ова што го гледаме денеска е доказ дека оризот како култура е повеќе од важна и затоа ние како Министерство сериозно сме засегнати за решавање на проблемите во делот на пласманот, производството, продажбата и нормално, за самата цена на оризот“,
истакна Серафимовски.
Тој информира дека веќе остварил повеќе средби со оризопроизводителите и со претставниците на откупно-преработувачките центри, вклучително и неодамнешната средба во Општина Чешиново-Облешево.
„Ние како држава дополнително ќе застанеме зад производителите на ориз и финансиски ќе им помогнеме за родот од минатогодишната реколта. Исто така, и на крајот на оваа сезона ќе направиме дополнителна анализа и ќе решиме каква помош треба да добијат. Главно е дека треба да го зачуваме квалитетот на оризот, а преработувачите да го платат согласно методологијата за пресметување на цената“,
истакна министерот.
Серафимовски исто така потсети дека откупувачите имаат законска обврска јавно да ги објават цените во откупните центри, нагласувајќи дека тоа треба да го сторат веќе во текот на следната недела.
Претходно денеска, заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, предупреди дека состојбата во која се наоѓаат македонските оризопроизводители е катастрофална, а доколку не им се обезбеди итна финансиска поддршка, постои ризик догодина нивите да останат непосеани.
