Осврнувајќи се на неодамнешната акција на Бит-пазар, каде што беа одземени околу 500 килограми храна, Ѓорѓиевски истакна дека станува збор за заеднички активности и додаде дека слични контроли се спроведуваат и во Кисела Вода и Центар, порачувајќи дека нема да дозволи толеранција за ваквите појави

Акциите за отстранување на дивите продавачи и воспоставување ред на пазарите и во нивната околина ќе продолжат и во наредниот период во сите скопски општини, најави денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. При увидот на градежните работи на мостот на улицата „Љубљанска“ во Карпош, тој порача дека тротоарите, булеварите, пешачките и велосипедските патеки не смеат да се користат за продажба, бидејќи за продавачите има слободен и соодветен простор во рамки на пазарите.
Осврнувајќи се на неодамнешната акција на Бит-пазар, каде што беа одземени околу 500 килограми храна, Ѓорѓиевски истакна дека станува збор за заеднички активности на Град Скопје, Инспекцијата, Агенцијата за храна и ветеринарство и МВР. Тој додаде дека слични контроли се спроведуваат и во Кисела Вода и Центар, порачувајќи дека нема да дозволи толеранција за ваквите појави.
Во однос на шалтер салата во Пошта, градоначалникот информираше дека Владата преку Министерството за транспорт во моментов инвестира во реконструкција на покривот. Ѓорѓиевски најави дека просторот ќе добие вистинска намена и ќе им биде предаден на младите во рамки на проектот „Скопје – Град престолнина на културата“.
Во однос на мостот „Генерал Михајло Апостолски“ во Гази Баба, Ѓорѓиевски рече дека првиот дел од трасата е обезбеден со уривање на објектите, а од понеделник започнува поставувањето рабници и приклучоци до пристапните улици.
Според него, тоа е вториот капитален проект, а како трет го посочи булеварот „Борис Трајковски“, за кој очекува градежните активности да завршат пред рокот за Нова година.
Во врска со Генералниот урбанистички план (ГУП) на Скопје, тој изјави дека интензивно се работи на него, а сите детали ќе бидат транспарентно споделени со јавноста штом ќе бидат достапни.
