Советниците од Левица на вчерашната седница со свирежи кон Ѓорѓиевски реагираа на новиот концепт на поставување советнички прашања, според кој советниците однапред ги поставуваат прашањата, а потоа првиот човек на Скопје ги одговара едно по едно, во непрекината низа
Од Левица во писмена реакција денеска обвинија дека нетранспарентноста на Ѓорѓиевски достигнала ново ниво, бидејќи на видеоснимката од седницата го нема делот во кој советниците ги поставуваат прашањата и бараат да се врати претходниот модел на работа
Нови тензии меѓу советничката група на Левица во Град Скопје и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја одбележаа вчерашната седница на Советот, на која на дневен ред беа советнички прашања. Причина е новиот принцип на нивно поставување и одговарање, според кој советниците кои имаат прашања до градоначалникот, зборуваат однапред, а потоа првиот човек на Скопје ги одговара едно по едно, во непрекината низа.

Советниците од Левица на ваквиот концепт вчера реагираа со свирежи кон градоначалникот Ѓорѓиевски, по што ја напуштија салата за седници на Град Скопје, а градоначалникот, додека тие сè уште беа внатре, ги нарече хор „ветер и магла“, прашувајќи го претседателот на Советот дали „ќе се погрижи за хорот“.
„Ќе се погрижите за хоров – хор ʼветер и маглаʼ… Не знам колку можете да чуете од хорот, добро е ова да се сними, да видат граѓаните за што поединечно плаќаат по над 40 илјади денари по советник за некој да изигрува хор во градот Скопје. Еднаш во месецот лаги, обвинувања и глумење хор“,
реагираше Ѓорѓиевски.
Кога советничката група на Левица ја напушти салата, градоначалникот од говорницата рече:
„Заврши свиркањето, сега ќе одат и ќе одмораат. Браво, одлично, народот нека плаќа, народот нека плаќа за свиркање еднаш во месецот“,
рече тој.
Од политичката партија Левица денеска повторно реагираа преку писмено соопштение, наведувајќи дека нововоспоставениот принцип на групно поставување и одговарање на советничките прашања ја обезличува нивната суштина.
„Вчера повторно побаравме враќање на начинот на работа во кој советникот поставува прашање, го слуша одговорот и има можност веднаш да реагира кога одговорот е нецелосен, неточен или едноставно ја заобиколува суштината. Наместо тоа, ДПМНЕ повторно инсистираше на формат во кој советниците зборуваат однапред, а градоначалникот подоцна добива непрекинат простор да ја сервира сопствената верзија без непосредно соочување со контрапрашање, и тоа сѐ со цел контролирање на темпераментот на Ѓорѓиевски, којшто се докажа дека не е способен да се справи со факти, несценирани и за него незгодни прашања“,
се вели во соопштението од политичката партија.
Нема снимка од советничките прашања
Оттаму велат и дека нетранспарентноста на Горѓиевски достигнала ново ниво, бидејќи на видеоснимката од седницата го нема делот во кој советниците ги поставуваат прашањата и реагираат на начинот на водење на седницата, односно бараат да се врати претходниот модел на работа.
„За сметка на тоа, достапен останува делот во кој Ѓорѓиевски непречено ја презема говорницата и советничките прашања ги претвора во долга политичка монодрама“,
велат од Левица.
Според партијата, станува збор за сурова демонстрација на ароганција и „обид контролата да се замолчи, советниците да се понижат до декор, а јавноста да добие само внимателно режирана монодрама на градоначалникот“.
Велат дека градоначалникот вчера наместо конкретен дијалог со советниците избрал долги политички квалификации и пресметки со критиките.
„Советничките прашања, меѓутоа, не постојат за градоначалникот да добие резервиран термин за политички говор. Тие постојат токму за обратното – избраните претставници на граѓаните да можат да бараат отчет од него и од институциите со кои раководи. Советот на Град Скопје има 45 избрани членови кои ги претставуваат граѓаните и тие не се избрана публика во претставата на градоначалникот. Најлесно е да се глуми моќ кога си ја укинал можноста некој да ти возврати. Вистинската слабост на оваа вмровска власт се гледа токму таму каде што почнува да се стеснува дебатата за да не мора да се соочат со неа“,
заклучуваат од Левица во соопштението.
