Судењето за пожарот во „Пулс“ денеска продолжува со изведување на материјалните докази и искази на 244 сведоци предложени од одбраната на обвинетите
Застапниците на обвинението изведоа 1 390 материјални докази, а во судницата во Идризово беа сослушани 45 сведоци предложени од нивна страна, како и пет вештаци
Родителите на загинатите млади во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во изјава за медиумите пред почетокот на денешното рочиште преку редица прашања порачаа дека одбраната со доказите и сведоците што ќе ги изведува ќе се обиде да го брани необранливото.

Ставот на радителите го пренесе Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова и претседател на Здружението „16 Март“, кој рече дека одбраната може да ја одложува правдата, но не и вистината.
Судењето за пожарот во Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени од денеска продолжува со изведување на материјалните докази и искази на сведоците предложени од одбраната на обвинетите.
„Јавно прашуваме – кој од нив ќе докаже дека објектот имал законска пренамена, сопствен паркинг и исполнети минимално-технички услови? Кој ќе докаже дека лиценца за салон за теписи важела за дискотека? И кој ќе го оправда непостапувањето на Општината и институциите што го зави Кочани во црно? Обвинетите од обезбедувањето не се на обвинителна клупа затоа што по избувнувањето на пожарот спасувале или не спасувале, тука се поради сомнението дека не ги исполниле обврските пред трагедијата – кога таа требало да се спречи. Херојство откако сè било во пламен не ја брише одговорноста за она што не било направено претходно. Нека носат сведоци и нека одолжуваат. Но со сведочење нема да направат пренамена, со вештачење нема да создадат паркинг, а со адвокатски говор лиценцата за салон за теписи нема да ја претворат во дозвола за дискотека. Се обидуваат да го бранат неодбранливото. Правдата можат да ја одолжуваат. Вистината – не!“,
рече Наунов во изјавата за медиумите.
Осврнувајќи се на судскиот процес за „Пулс“, претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, соопшти статистички податоци за досегашниот тек на постапката, посочувајќи дека таа се одвива редовно, без ниту одложено рочиште.
Застапниците на обвинението, според статистиката на Кривичниот суд, изведоа 1 390 материјални докази, а во судницата во Идризово беа сослушани 45 сведоци предложени од нивна страна, како и пет вештаци.
Одбраната, пак, има предложено 244 сведоци кои треба да бидат испитани пред судот во натамошниот тек на постапката.
Инаку, од почетокот на судскиот процес досега се одржани вкупно 49 рочишта. Од нив девет биле лани, 40 до средината на септември, а до крајот на оваа година се закажани уште 15 рочишта од главната расправа.
На 3 октомври истекува мерката притвор на првообвинетиот сопственик на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, кој согласно Законот за кривична постапка (ЗКП) не може да му биде продолжуван понатаму, бидејќи в сабота изминува една година откако е одобрен обвинителниот акт за случајот.

Одбраната на Јованов на рочиштето на 21 септември го извести судот дека тој нуди гаранција од 12 милиони денари или околу 200 илјади евра во недвижен имот. Тој ја понуди гаранцијата иако тоа не е задолжително, бидејќи притворот секако му истекува в сабота, но, како што рече неговата бранителка Ивана Коцевска, нејзиниот клиент се решил на ваков чекор со цел да ја увери јавноста и родителите на загинатите во пожарот дека нема да избега.
Од Кривичен велат дека одбраната го поднела барањето за определување гаранција наместо притвор, но сè уште се чека мислење од Обвинителството за да може судот да одлучи по него.
Предметот за пожарот во „Пулс“, кој се наоѓа во доказна постапка, го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во случајот се обвинети вкупно 34 физички лица и три фирми. Сите се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет и за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
Во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
