Според информациите од АНБ, вистинските актери на оваа мрежа се криеле зад клонирани псевдопортали регистрирани со македонски интернет-домен

Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во заедничка акција со МВР и Основното јавно обвинителство (ОЈО), презема опсежни активности за откривање и спречување на деструктивна пропагандна мрежа во земјава, која работела во корист на руските интереси и странски фактори.
Во рамки на истрагата, на 18 септември е извршен претрес во домот на македонски државјанин за кого постои основано сомнение дека е дел од странскиот пропаганден апарат интегриран во македонскиот медиумски простор. При претресот се пронајдени и одземени предмети кои во моментот се предмет на вештачење.
Лицето се сомничи за три кривични дела – предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, оддавање службена тајна и ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
Според информациите од АНБ, вистинските актери на оваа мрежа се криеле зад клонирани псевдопортали регистрирани со македонски интернет-домен. Преку нив се пласирале лажни вести, дезинформации и се манипулирало со актуелни теми, со цел да се поткопа довербата во институциите, да се поттикне етничка омраза и да се нарушат евроинтегративните процеси на државата.
Од АНБ истакнуваат дека ова е продолжение на претходно попречените проруски хибридни активности на македонски државјанин и најавуваат дека безбедносните служби ќе продолжат со активностите за детекција и спречување на субверзивните дејства поврзани со регионални проруски структури.
