Тие се обвинети дека во периодот од 28 мај до 4 јуни 2024 година, на Одделот за интерни болести во болницата, несовесно лекувале 40-годишна пациентка, со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба кое резултирало со смртен исход

Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против петмина лекари интернисти од Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола. Лекарите се товарат за сторени тешки дела против здравјето на луѓето, откако поради несовесно лекување 40-годишна пациентка починала.
Според обвинението, во периодот од 28 мај до 4 јуни 2024 година, лекарите пропуштиле навремено да ја дијагностицираат и третираат состојбата на пациентката. Таа првично се јавила во болницата со упат од матичен лекар под сомнение за тромбофлебитис – воспаление на вените. Сепак, без детални анализи и целосна анамнеза, лекарите ѝ поставиле погрешна дијагноза – ревматоиден артритис и ја пуштиле на домашно лекување.
Со тоа била пропуштена можноста за навремено спречување на тромботичниот процес. Поради силни болки, пациентката повторно побарала помош на 1 јуни и била хоспитализирана, но и покрај лошите лабораториски и биохемиски анализи, ниту еден од дежурните лекари не презел дополнителни дијагностички испитувања со цел да се испитаат причините и да се одреди соодветна терапија.
По драстичното влошување на состојбата, таа на 4 јуни побарала помош во приватна клиника во Скопје. Таму била итно оперирана, при што била констатирана тромбоза на горната и долната мезентерична артерија со комплетна гангрена на тенкото и дебелото црево. Поради задоцнетата реакција, состојбата била неоперабилна и пациентката починала следниот ден, на 5 јуни 2024 година.
