Според надлежните, овој раст се должи на проширувањето на понудата на достапни е-услуги, поедноставените процедури и засилената соработка со државните институции

Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk минатиот месец забележал рекордни резултати. Граѓаните и компаниите за само еден месец поднеле 27 345 барања за електронски услуги, со што септември е најуспешниот месец од постоењето на платформата надвор од услугата за ИКТ-ваучерите со која биле услужени над 50 илјади студенти.
Со овие нови бројки, како што информираат од Министерството за дигитална трансформација, вкупниот број поднесени барања преку Националниот портал достигнал 405 881, со што е надмината границата од 400 000 услуги.
Според надлежните, овој раст се должи на проширувањето на понудата на достапни е-услуги, поедноставените процедури и засилената соработка со државните институции. Како посебен пример се издвојува соработката со Државниот завод за статистика, преку која биле дигитализирани повеќе услуги наменети за студентите и академската заедница.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека овие бројки ја потврдуваат сè поголемата доверба на граѓаните во електронските услуги.
„27 345 барања за само еден месец е најдобриот резултат од постоењето на порталот. Уште поважно е што вкупно ја надминавме бројката од 400 000 барања. Ова покажува дека кога услугата е едноставна, достапна и целосно електронска, граѓаните ја користат. Нашата цел е сè повеќе постапки да можат да се завршат од дома или од мобилен телефон, без шалтери, без непотребно чекање и без носење документи од една институција во друга“,
изјави Андоновски.
Од Министерството за дигитална трансформација најавуваат дека продолжуваат со процесот на дигитализација на нови услуги и нивно поврзување преку Платформата за интероперабилност. Главниот фокус и во иднина ќе биде ставен на услугите кои граѓаните и бизнисите најчесто ги користат, со цел да се обезбеди поголема заштеда на време и намалување на административните трошоци.
