Дискусијата ја поттикнал пратеникот од десничарската партија Ники, Ѓоргос Рунтас, кој посочил дека учебникот по македонски јазик за шесто одделение што се користи во Северна Македонија има референции за „татковина што отсекогаш била поробена и мачена“, а во него Александар Велики бил претставен како Александар Македонски, без да се направи разлика меѓу античкиот и современиот македонски идентитет

Македонски учебник стана тема за расправа во грчкиот парламент откако пратеник ѝ поставил прашање на заменик-министерката за надворешни работи Александра Пападополу, поранешна грчка амбасадорка во Скопје.
Весникот „Та неа“ пренесува дека поводот за расправата бил „користењето неточни референции и терминологија во учебниците во Северна Македонија“.
Пападополу во обраќањето во парламентот побарала да се отстрани, како што пренесува весникот, „ревизионистичкиот и некоректен јазик од учебниците што се користи во соседната земја“.
Таа додала дека употребата на неточна терминологија го прекршува не само Преспанскиот договор, туку и Уставот на Северна Македонија.
Дискусијата ја поттикнал пратеникот од десничарската партија Ники, Ѓоргос Рунтас, кој посочил дека учебникот по македонски јазик за шесто одделение што се користи во Северна Македонија има референции за „татковина што отсекогаш била поробена и мачена“, а во него Александар Велики бил претставен како Александар Македонски, без да се направи разлика меѓу античкиот и современиот македонски идентитет.
Тој побарал да биде информиран за тоа што ќе преземе грчката страна за ова прашање во Заедничката интердисциплинарна експертска комисија во врска со отстранувањето на овие референции.
Во одговорот, заменик-министерката Пападополу рекла дека учебниците ги одобруваат министерствата за образование на секоја земја, но и оти Грција и натаму бара коректен опис на историската реалност, точна терминологија и точно национално потекло на историските личности како Александар Велики и Филип Втори во учебниците на Северна Македонија.
Понатаму, таа додала дека грчкиот карактер на античка Македонија и карактеристиките на античката грчка цивилизација се опишани во членовите 7 и 8 од Преспанскиот договор и дека отсликувањето на оваа реалност во учебниците е работа на Заедничката интердисциплинарна комисија, каде што грчката страна го употребува целиот дипломатски притисок што ѝ стои на располагање.
Пратеникот Рунтас на тоа прокоментирал дека ако Комисијата си ја завршела работата како што треба немало да има потреба да се реагира.
Пападополу додала дека Комисијата се среќава барем двапати годишно, наизменично во Атина и во Скопје, и дека последниот состанок бил во Атина во мај 2026 година.
„Работата на Комисијата, како и записниците, се доверливи“,
рекла таа.
Пападополу, како што пишува „Та неа“, посочила дека грчката страна на Комисијата редовно ги следи сите содржини на учебниците во Северна Македонија што го прекршуваат правилото за точно именување на државата и за точни историски записи. Додала дека записниците ја покажувале посветеноста од двете страни да се спроведат обврските што биле преземени со Преспанскиот договор.
